Европското јавно обвинителство истражува можно кривично дело поврзано со преговорите меѓу претседателката на Европската комисија (EK), Урсула фон дер Лајен, и извршниот директор на фармацевтската компанија „Фајзер“ (Pfizer) околу набавката на вакцини против коронавирусот.
Европското јавно обвинителство потврди дека го презело случајот од белгиските обвинители, кои неколку месеци ја истражувале Фон дер Лајен за „мешање во јавните работи, уништување СМС, корупција и конфликт на интереси“, пишува порталот „Политико“, кој имал пристап до документација за тоа, пренесува „Бета“.
Сè уште никој не е обвинет во врска со случајот.
Прочитај повеќе
Новите вакцини на „Фајзер“ и ГСК ќе им донесат 2 милијарди долари
Станува збор за вакцини против респираторен синцицијален вирус (РСВ) што се наменети за постари возрасни лица.
02.10.2023
Белгиските власти ја отворија истрагата на почетокот на 2023 година, по кривичната пријава на лобистот Фредерик Балдан, кому подоцна му се приклучија владите на Унгарија и на Полска, но Варшава, според портпаролот на нејзината влада, ќе се повлече, откако Доналд Туск ја презеде власта.
Пријавата на Балдан се однесува на таканаречената афера „Фајзергејт“ - објавување текстуална кореспонденција помеѓу Фон дер Лајен и шефот на „Фајзер“, Алберт Бурла, во пресрет на постигнувањето на најголемиот договор за вакцини во Европската Унија (ЕУ) во екот на пандемијата на ковид-19, за повеќе од 20 милијарди евра.
„Њујорк тајмс“, кој откри размена на пораки за условите за преговори, ја тужеше Европската комисија, бидејќи одби да ја открие содржината на тие пораки по барање за пристап до информации од јавно значење.
Во меѓувреме, во мај минатата година, Европската Унија постигна договор со „Фајзер“ и со „Бионтек“ (BioNTech) за намалување на купувањето вакцини против ковид-19 за околу една третина. Претходно некои земји членки изјавија дека не сакаат да плаќаат за нови резерви поради прекумерна понуда на вакцини откако пандемијата почна да се намалува.
Изборите за Европскиот парламент ќе се одржат в јуни, а Фон дер Лајен очекува да добие втор мандат на чело на Европската комисија.