Според Европската централна банка (ЕЦБ), очекувањата на потрошувачите за инфлацијата во еврозоната се намалиле во февруари, што ги зголеми надежите дека растот на цените дополнително ќе се намали во наредните месеци. Најновите проекции се на најниско ниво од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година.
Добро утро, ова се останатите пет вести, важни за почеток на денот.
Биогоривата чекаат закон, возилата ќе останат сериозни загадувачи
Возилата од јавниот транспорт и јавниот сектор уште минатата година требаше да почнат да трошат биогорива (пет отсто од вкупната потрошувачка). Според законот што требаше да ја регулира материјата, уделот на биогоривата во вкупната потрошувачка годинава требаше да стигне до 10 отсто, а до 2028 да изнесува 30 отсто.
Учеството на биогоривата во транспортот во земјава е незначително, а дизелот, кој се смета за најголем загадувач, се користи најмногу. Според последните податоци на државната статистика, во јануари годинава потрошувачката на дизел изнесувала 63,7 отсто, што е раст во однос на декември лани, кога уделот изнесуваше 59,3 отсто.
Светот се врти кон нуклеарната енергија, а регионот Адрија?
Кога пред 13 години цунами доведе до нуклеарна несреќа во Фукушима, тоа трагично искуство во Јапонија навидум убеди добар дел од светот дека „сонот за евтина и безбедна нуклеарна енергија“ е завршен.
Згора на тоа, демохристијанската канцеларка на Германија, Ангела Меркел, чувствувајќи го пулсот на јавноста, брзо донесе одлука за постепено затворање на германските нуклеарни централи, што ја зголеми нејзината популарност, па дури и го заслужи епитетот на зелена канцеларка. Сумирајќи ја ситуацијата во Германија, но и низ цела Европа, влијателниот неделник „Шпигел“ потоа сè опиша со насловот: „Фукушима го означи крајот на нуклеарната ера“.
Рускиот извоз на сурова нафта се искачи на највисоко ниво годинава
Рускиот извоз на сурова нафта преку море бележи раст во последната недела од март и е највисок досега годинава, иако просечните испораки во првиот квартал беа блиску до нивото што Русија им го вети на своите партнери од ОПЕК+.
Минатонеделното закрепнување дојде во време на ублажување на силните ветрови што постојано го попречуваа товарењето на главното руско пристаниште во Пацификот во последните неколку недели.
„Лукоил“ најавува продажба поради раздорот меѓу Бугарија и Русија
Тешко е да се пропушти „Лукоил“ во Бугарија. Рафинеријата за нафта во близина на брегот на Црното Море, опкружена со полиња со свежо изорана почва, доминира во областа. Една четвртина од луѓето во блискиот град Камено работат таму или имаат врски со фабриката. Руската компанија има и повеќе од 220 бензински пумпи во земјата.
Сепак, мирниот и профитабилен соживот меѓу „Лукоил“ и најсиромашниот дел на Европската унија беше прекинат кога Владимир Путин ја нападна Украина пред нешто повеќе од две години. Сега, децениски добриот бизнис меѓу Бугарија и Русија се соочува со момент на пресметка, бидејќи „Лукоил“ планира продажба и заминување поради, како што велат, политички притисок.
Трамп објави обврзница од 175 милиони долари за да избегне заплена на имот
Доналд Трамп достави гаранција од 175 милиони долари пред судот во Њујорк, откако доцнеше со плаќањето на повеќе од 454 милиони долари во случајот со граѓанска измама. Обврзницата, објавена во понеделникот до Апелацискиот суд на Менхетн, го спречува извршувањето на казната од 454 милиони долари, наметната од судијата против магнатот за недвижности во февруари затоа што со години лажел за својот имот за да добие подобри услови за заем. Трамп, кој води кампања за враќање во Белата куќа на изборите во ноември, сè уште е на јадица за целата сума – плус милиони камати – доколку неговата жалба не успее.
Трамп првично се бореше да добие обврзница бидејќи од него се бараше да плати 120 проценти од целосната казна или повеќе од половина милијарда долари во готово. Но Апелацискиот суд на 25 март го одобри неговото барање за помала обврзница, за која Трамп тврдеше дека е знак дека Апелацискиот суд на крајот ќе ја поништи пресудата.