Македонија заостанува зад другите земји во регионот во однос на инсталирањето капацитети за производство на струја од обновливи извори. Анализата на аналитичкиот тим покажува дека земјава има најголем јаз меѓу тоа што сработила и што се обврзала дека ќе сработи до 2030 година.
Добро утро, ова се петте вести кои се важни за почеток на денот.
ББА-анализа: Бизнисот со обновливи извори на енергија профитабилен, Македонија заостанува
Обновливите извори на енергија забележаа извонреден раст во изминатата деценија, при што капацитетот за производство енергија од ветер и сонце се зголеми со годишна стапка од 13 и 26 отсто (соодветно) на глобално ниво.
Во регионот Адрија во 2023 година капацитетите достигнаа 2,3 GW за сончева енергија и 1,9 GW за енергија од ветер, што е за 687 и 455 отсто повеќе од пред десет години, се наведува во најновата анализа на аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ што се однесува на производството на енергија од сонце и ветер.
Правни дилеми за одлуката на Владата среда да биде неработен ден
Среда, денот на првиот круг од претседателските избори, ќе биде неработен за сите граѓани на Македонија. Владата ова прашање го уреди со заклучок на седницата одржана на 16 април годинава. Од Македонската асоцијација на корпоративни правници велат дека на овој начин владата на работодавците во приватниот сектор „им го одзеде правото да одлучат дали ќе работат или не, согласно нивниот деловен и производствен процес“.
„Со усвојувањето на новиот заклучок и бришењето на препораката за работодавците од приватниот сектор несомнено се појаснува интенцијата на Владата истото да биде задолжително применливо за сите работодавци и за сите граѓани на територијата на Република Северна Македонија, без да се има предвид можноста за поинакво уредување и онаму каде што работниот процес не може да запре, дотолку повеќе што во заклучокот се изоставени информации за работа на витални јавни дејности како што се здравството, полицијата и слично“, стои во анализата на Асоцијацијата.
Европа страда од ниска продуктивност
Европа страда од ниска продуктивност и ќе треба да ги преиспита своите основи за да го промени правецот, вели претседателот на Швајцарската национална банка (СНБ) Томас Џордан.
„Продуктивноста – она што го добивате од еден час работа – не расте правилно и потребни се структурни реформи за економиите да станат поконкурентни и да се зголеми продуктивноста“, изјави Џордан за швајцарската телевизија СРФ. „Тоа е еден од најголемите предизвици“.
Светска банка ќе ја поддржи НБРМ во пристапувањето кон СЕПА
Напредокот во подготвување на апликацијата за пристапување на земјата во Единствената област за плаќања во евра – СЕПА, беше една од темите на дискусија на состаноците со Светската банка (СБ) во рамки на Пролетните средби.
На средбите помеѓу македонската делегација предводена од гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и заменик-министерот за финансии, Филип Николоски, со заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани и со извршниот директор на СБ за Конституенцата во која членува нашава земја, Јуџин Ругенаат, со нивните тимови, беше истакната посветеноста на Народната банка кон забрзување на процесот на интеграција на земјата во платежната инфраструктура на ЕУ, преку приклучување во СЕПА.
Паѓаат цените на електричните возила на „Тесла“
„Тесла“ го помина викендот намалувајќи ги цените на своите модели низ Кина, Европа и САД поради падот на продажбата и големите резерви.
Доцна во саботата, компанијата предводена од Илон Маск, исто така, ја намали цената на софтверот за помош на возачите што го нарекува ФСД (FSD, или Full Self-Driving, целосно самостојно возење), за една третина на 8.000 долари во САД. Претходната цена изнесуваше 12.000 долари.