Кандидатката на опозицијата, Гордана Силјановска Давкова освои над 315.000 гласа во првиот круг од претседателските избори. Главниот противкандидат, актуелниот претседател поддржан од власта, Стево Пендаровски, освои помалку од 160.000 и изјави дека резултатите се под очекувањата.
Кампањата од денеска продолжува. Следниот круг е на 8 мај кога ќе се одржат и парламентарните избори.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои се важни за почеток на денот.
Топ 30 Адрија магнети: Компании што привлекоа најголем капитал
За секоја добра бизнис-идеја ќе се најде инвеститор што е подготвен финансиски да ја поддржи. Баравме компании од регионот што со своите идеи, производи и услуги и деловна визија го привлекоа капиталот на најпребирливите инвеститори од целиот свет и по вторпат составивме листа на Топ 30 инвестициски магнети во регионот Адрија.
Кој е најголемиот магнет во регионот? Тоа е хрватската компанија „Римац груп“, која во изминатите пет години привлече 770 милиони евра капитал. На врвот на листата, покрај златниот „Римац“, е уште една хрватска компанија, сребрениот „Инфобип“, кој доби финансиска инјекција од 300 милиони евра. И двете компании се меѓу еднорозите, бидејќи преовладува мислењето дека пазарната вредност на двете надминува милијарда евра. Третото место, односно бронзата, со 124,2 милиони евра, го зазеде компанијата со српски корени, „ХТЕЦ груп“ (HTEC Group), која е меѓу кандидатите да стане еднорог во следните неколку години.
Нови правила за пракса на ФИНКИ: Данок на таленти или подобри услови за студирање?
Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) од септември студентската пракса ќе ја изведува по нова програма. За разлика од сега, од следната академска година студентите ќе можат праксата да ја извршуваат само во компании што склучиле договор со ФИНКИ, а притоа договорот подразбира дека компаниите платиле односно му донирале на факултетот.
Во завршните одредби на правилникот за засновање годишен партнерски пакет со ФИНКИ се наведува дека по 30 септември годинава сите претходни меморандуми за соработка се ставаат надвор од сила и дека сите документи што произлегуваат од нив се правно необврзувачки.
Авиокомпаниите автоматски ќе ги враќаат парите за откажаните летови
Авиокомпаниите сега ќе треба да обезбедат автоматско враќање на парите на патниците доколку летовите се откажат или значително се променат според новите правила на американското Министерство за транспорт, што е значајна промена за потрошувачите што може да ги зголеми трошоците во индустријата.
Конечните прописи објавени во средата ги прикажуваат околностите во кои патниците имаат право на враќање на средствата за сите патувања до, од и во САД. Целта е да се олесни враќањето на средствата за луѓето и да се направат политиките за рефундирање поконзистентни од една до друга авиокомпанија.
Армани не исклучува спојување или ИПО во планот за сукцесија
Џорџо Армани, култниот моден дизајнер, размислува за големи промени во неговата италијанска модна империја бидејќи се приближува до својот 90-ти роденден. Иако со децении се бореше да ја одржи независноста на „Џорџо Армани СпА“ (Giorgio Armani SpA) во услови на спојувања и преземања кои го преобликуваа луксузниот сектор, милијардерот сега ја признава можноста неговата фирма еден ден да се спои со поголем ривал или да излезе на берза. Оваа потенцијална промена претставува значително отстапување од неговиот претходен став и може да го преобликува курсот на луксузниот моден сектор.
„Независноста од големите групи може да продолжи да биде клучна вредност за ’Групацијата Армани‘ во иднина, но чувствувам дека не можам да исклучам ништо“, рече Армани во пишано интервју. „Она што отсекогаш го означувало успехот на мојата работа е способноста да се прилагодам на променливите времиња“.
Сенатот на САД ја изгласа мерката против Тикток, Бајден ќе ја озакони
Американскиот Сенат гласаше да се забрани сопственоста на Тикток (TikTok) од страна на кинескиот креатор „Бајтденс“ (ByteDance Ltd.), поставувајќи насока за правен судир околу тоа дали забраната ги лишува американските корисници од нивните права за слобода на говор со Првиот амандман.
Гласањето, кое опфати и помош за Украина, Израел и Тајван, доби големо двопартиско одобрување од сенаторите кои се загрижени за собирањето на кориснички податоци од страна на апликацијата од над 170 милиони Американци, како и за потенцијалот Кина да ја користи за пропагандни цели. Претседателот Џо Бајден рече дека ќе ја потпише мерката и ќе ја преточи закон.