Цената на нафтата полека паѓа, со претпазливост на пазарот поради случувањата на поширокиот финансиски пазар што го компензира падот на нафтените резерви во САД. Суровата нафта од типот брент се тргуваше близу 88 долари за барел, откако падна за 0,5 отсто во средата, додека ВТИ беше близу 83 долари.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Се‘ повеќе ловци на еднорози во регионот Адрија
Се очекува дека пазарот на ризичен капитал во регионот Адрија ќе се развива побрзо отколку во минатото. Прегледот на фондовите за ризичен капитал кои управуваат со компании кои имаат корени во овој регион покажува дека во следните неколку години тие планираат да инвестираат повеќе од четвртина милијарда евра во регионални стартапи.
Просечната големина на фондовите се зголемува. Ако се додаде уште поголемата активност на фондовите од Централна и Источна Европа, како и зачестената присутност на глобалните фондови во регионот Адрија во последните неколку години, прогнозите за иднината се оптимистички. Денес се активни втора или трета генерација на фондови кои се дел од компаниите за ризичен капитал кои работат во регионот Адрија.
Компаниите и работниците се уште ја туркаат медијацијата во втор план
Додека развиените земји моделот на медијација за решавање на спорови го користат како редовна постапка, во Македонија оваа алатка за мирно и побрзо решавање на спор меѓу две страни сè уште е непозната за граѓаните и компаниите. Во 2006 година за првпат медијацијата се воведува преку Законот за медијација, закон кој поминал низа измени, па е во актуелната форма е усвоен во декември 2021 година.
Медијацијата е процес за решавање на спорови помеѓу две или повеќе страни кои се во некаков спор или конфликт, преку ангажирање на трета неутрална страна, наречена медијатор. Целта е да се постигне спогодба и да се избегне долготраен и скап судски процес. Сите оние кои имаат некаков спор можат да поведат постапка на медијација и може да изберат медијатор од именикот на медијатори кој е објавен на страната на Комората на медијатори. Нас не интересираше зошто не се применува.
„Комерцијална банка“ со добивка од 19 милиони евра во првиот квартал од 2024
„Комерцијална банка“ АД Скопје во првите три месеци од годинава оствари добивка од 1,17 милијарди денари (19,1 милиони евра), што е зголемување за 13,4 проценти во однос на истиот период во минатата година кога добивката на банката изнесувала 1,03 милијарди денари (16,9 милиони евра), покажува неревидираниот неконсолидиран успех на банката објавен преку Македонската берза.
Од банката информираат дека планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 111,4 проценти. „Притоа, остварената добивка пред исправка на вредност, која претставува показател за оперативната способност на банката да ги покрива расходите од работењето, е за 32,8 проценти поголема во однос на истиот период минатата година“, наведуваат од банката.
„Макпетрол“ ќе исплати дивиденда од 3.700 денари по акција
На акционерите на „Макпетрол“ АД Скопје да им се исплати дивиденда за 2023 година во вкупен бруто износ од 374.232.800 денари (шест милиони евра) односно бруто износ од 3.700 денари по акција, предлага управниот одбор на компанијата. Станува збор за зголемување на дивидендата во однос на претходната година кога беше исплатена дивиденда од 3.300 денари по акција.
Во предлог-одлуката за која ќе одлучуваат акционерите на претстојното Собрание закажано за 28 мај годинава, за последен ден на тргување со право на дивиденда се утврдува 14.6.2024 година. Исплатата на дивиденда се предвидува да се изврши до 30.9.2024 година. Инаку, според податоците на Централниот депозитар за хартии од вредност акционери кои поседуваат над пет проценти од акциите во компанијата се „Оилко“(24,88 проценти од акциите) и „Макпетрол“(10 проценти од акциите).
Moже ли сонот на Маск за роботакси да му помогне на пазарот на ЕВ
„Тесла“ стана една од највредните компании во светот со тоа што докажа дека е можно да се продаваат електрични возила (ЕВ) на батерии со профит и во големи количества. Но во поголемиот дел од 2024 година инвеститорите се сомневаат во изгледите на „Тесла“: акциите паднаа во услови на пад на продажбата, сигналите за нејзината стратегија за производи се збунувачки и постои загриженост дека нејзината постара постава не го одржува темпото.
Лидерот на „Тесла“, Илон Маск, изгледаше повеќе фокусиран на ветувањето за автономно роботакси отколку на плановите за развој на подостапно електрично возило што би можело да им се спротивстави на конкурентите како кинески БЈД - иако софтверот за помош на возачот на „Тесла“ сè уште бара активно следење од човечко суштество.