Членовите на Федералниот комитет за отворен пазар во САД вчера едногласно донесоа одлука да не се менува референтната каматна стапка односно да остане во досегашниот опсег од 5,25-5,5 проценти, што е највисоко ниво во последните две децении. Според нив, во изминативе месеци нема напредок кон целта на комитетот за инфлација од два проценти.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Осум работни часа веќе е мит - продуктивни сме помалку од три
Од времето на индустриската револуција и Роберт Овен остана слоганот „8 часа работа, 8 часа рекреација, 8 часа сон“. Во тоа време идејата за трите осумки била радикална, особено затоа што работниците поминувале и по 16 часа на работните места. Поминале стотина години од индустриската револуција до 1926 година и потегот на Хенри Форд, основачот на „Форд моторс“, кој овој слоган го применил во практика. Тој прв вовел 40-часовна работна недела за своите работници, пет дена по осум часа работно време.
Другите индустријалци сметале дека потегот е погрешен, сепак експериментот на Форд се покажал како успешен и бил копиран од другите. Тој стана и општествена норма. Во најголем дел од земјите, 40-часовната работна недела е законско решение. Но, стотина години подоцна, дискусиите за должината за работното време одново се разгоруваат. Мерењата покажуваат дека престојот на работа осум часа во текот на денот не значи дека цело време работиме. Напротив, истражувањата се фрапантни и покажуваат дека работникот е продуктивен помалку од три часа дневно.
Раст на бројот на вработени и на продуктивноста кај македонските банки
Бројот на лицата вработени во банкарскиот систем на 31.12.2023 година изнесува 5.907 и бележи зголемување за 77 во однос на претходната година, покажуваат новите податоци на Народната банка објавени во извештајот за ризиците во банкарскиот систем за 2023 година. „Според степенот на завршено образование, квалификациската структура на вработените бележи подобрување, па така учеството на вработените со завршено најмалку високо образование изнесува 86,6 проценти, што е повеќе за 0,6 процентни поени на годишна основа“, наведуваат од Народната банка.
Оттаму посочуваат дека продуктивноста на банкарскиот систем бележи зголемување, што се должи на повисокиот раст на активата од бројот на вработени. „Зголемување на продуктивноста бележат сите анализирани банки, а половината од нив бележат двоцифрени стапки на раст. Разликите во продуктивноста меѓу банките и натаму се значителни и се движат во границите од 29,4 милиони денари кај банката со најниска продуктивност до 211,6 милиони денари средства по вработен кај банката со највисока продуктивност“, укажуваат од Народната банка.
Крипто Адрија: Србија прва со закон, Словенија без даноци
Откако неодамна беа дадени првите одобренија за крипто ЕТФ (фондови базирани на криптовалути) за тргување на берзата во Соединетите Американски Држави (САД), криптопазарот доби сериозен ветер во грбот. Виртуелните валути сè повеќе стануваат дел од реалноста во САД, но и во Европската Унија. Сепак, земјите како Германија сè уште имаат поконзервативни и бирократски комплицирани регулативи, кои ја забавуваат нивната пенетрација, па, така, „Бајненс“ (Binance), како најголема платформа за размена на криптовалути во светот, го повлече барањето за добивање лиценца во Германија.
А каде е регионот Адрија? Како поминуваат криптовалутите во нашиот сокак? Колку државите во регионот имаат регулаторна подготвеност за пенетрација на пазарот на дигитална сопственост? И што може да донесе криптото во регионот? Во интервју за „Блумберг бизнисвик Адрија“, Иван Андрejeвиќ од компанијата „ЦТБ крипто и консалтинг“ (CTB Crypto & Consulting) вели дека регионот најмногу заостанува во однос на стапката на прифаќање дигитални средства.
Наплив на фалсификувани евро монети во Македонија
Како и во 2022 година, и во текот на 2023 година продолжува појавата на големи количини на фалсификувани монети на евра во Македонија, информира Народната банка во годишниот извештај за минатата година. Имено, лани биле откриени вкупно 11.489 парчиња фалсификувани монети на евра, од кои 11.122 парчиња во апоен од 2 евра и 367 парчиња во апоен од 1 евро. Од останатите валути, регистрирани се вкупно 11 фалсификувани монети од одредени валути.
Во однос на извршените експертизи на доставените сомнителни книжни пари деноминирани во странски валути во 2023 година, од вкупно 1.042 направени анализи се утврдени 329 фалсификувани пари и 713 оригинални пари. Во вкупниот број фалсификувани книжни пари, најзастапени се книжните пари во евра (160 парчиња) и американски долари (150 парчиња).
Продажбата на „Хермес“ му пркоси на трендот на забавување на пазарот на луксуз
Продажбата на „Хермес“ е зголемена за 17 отсто, на 3,8 милиони евра, во првиот квартал од годинава, објави компанијата во четвртокот на својата официјална веб-страница. Тоа е повеќе одошто се очекуваше, со оглед на општиот тренд на забавување на пазарот на луксуз и значително послабите резултати на неговите главни ривали. ЛВМХ забележа раст од само три проценти во првиот квартал, додека продажбата на „Керинг“ падна за 10 проценти.
Најголем раст од 25 отсто има во категоријата накит и домашни производи, се наведува во соопштението. Новите креации засновани на традиционални иконски детали, како „шен д'анкр“ и „кели“, привлекоа клиенти. Продажбата на кожени производи е зголемена за 20 отсто, а најавено е и проширување на производствените капацитети со четири нови работилници за производство на кожени производи - во следните четири години низ Франција.