Според првичните неофицијални резултати од вчерашните парламентарни избори односно обработени податоци од 95,20 проценти од избирачките места, ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник со освоени најмалку 59 пратенички мандати. Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски синоќа изјави дека веќе разговарал со преставниците на коалицијата „Вреди“ околу формирањето на новата влада.
Гордана Силјановска-Давкова е првата жена претседател на Македонија
Гордана Силјановска-Давкова според неофицијалните резултати од вчерашните избори ќе биде нова претседателка на Македонија. Од обработени податоци од 91,99 проценти од избирачките места, Силјановска-Давкова освои 506.955 гласа односно 64,93 проценти, а најзиниот противкандидат Стево Пендаровски освои 228.987 гласа или 29,33 проценти.
„Јас тврдам дека ќе се однесувам како претседателка на сите граѓани. Тоа значи на сите етнички групи, на сите членови на партиите, на оние кои не се во партиите, бидејќи не може ниту еден претседател да трага по единство, ако држи партиски линии“, изјави Гордана Силјановска-Давкова. На синоќешната прес-конференција во Централниот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ таа рече дека портите на „граѓанските позајмени канцеларии“ се отворени за сите.
Македонските банки им посакуваат големо добредојде на четботовите
Невидени придобивки и огромен број предизвици носи употребата на вештачката интелигенција (ВИ) во економијата, а особено во ИТ-секторот, каде што постои континуирана трка за креирање нови софтверски решенија базирани на ВИ што ќе ја зголемат продуктивноста и ќе овозможат иновативни решенија за проблемите во различни економски дејности. Притоа, една од нивните главни цели е финансискиот сектор, кој е во постојана потрага по дигитални решенија со цел да се подобрат услугите за клиентите и да се намалат трошоците во секојдневното работење.
Најголем дел од големите светски банки, инвестициски фондови и други финансиски институции на голема врата им посакаа добредојде на револуционерните чекори што во минатата година во полето на вештачката интелигенција ги постигнаа компании како „Опен-еј-ај“ (Open AI) односно „Мајкрософт“, „Енвидија“ (Nvidia), „Алфабет“ и другите големи и мали играчи од овој сектор.
Србија и Кина потпишаа 28 документи и најавија летачко такси до 2027 година
Српскиот претседател Александар Вучиќ и кинескиот претседател Шји Џјинпинг во средата во Белград потпишаа заедничка изјава на двете земји за продлабочување и подигање на сеопфатното стратешко партнерство и градење заедница на Србија и Кина со заедничка иднина во новата ера. Зборувајќи за потпишаните документи, Вучиќ истакна дека стратешките односи меѓу двете земји се движат кон однос на заедничка иднина, објаснувајќи дека тоа е документ кој претставува највисок облик на соработка и дека никој нема да може да го скрши челичниот пријателство меѓу Србија и Кина.
„Претседателот Џјинпинг ми рече дека Србија ќе има цврста поддршка за сите прашања покренати во Обединетите нации“, рече Вучиќ. Тој ја истакна важноста на договорот за слободна трговска соработка, најави отворање директна авиолинија до Шангај, како и поврзување со градот Гуангжу.
„Астра Зенека“ ја повлече вакцината против ковид низ светот
„Астра Зенека“ ја повлече својата вакцина против ковид-19 од пазарот поради недостиг од побарувачка за вакцината што првично поттикна надеж дека ќе игра клучна улога во заштитата на светот од вирусот. Одобрението за ставање во промет за вакцината, ваксеврија, во Европската Унија беше повлечено по барање од компанијата неделава, бидејќи вакцината повеќе не се произведува или испорачува, се наведува во соопштението на компанијата.
Одлуката не е поврзана со безбедносни причини, се истакнува во соопштението. Вакцината на „Астра Зенека“, која беше развиена со Универзитетот во Оксфорд, првично беше понудена на непрофитна основа и се сметаше за победа за Британија, при што тогашниот премиер Борис Џонсон јавно ја доби својата прва доза.
Германското индустриско производство падна за првпат годинава
Обемот на индустриското производство во Германија годинава падна за првпат, што покажува дека овој сектор на најголемата европска економија сè уште е во неволја. Производството во март падна за 0,4 отсто, а најголем пад е забележан кај производството на потрошувачка и делумно готови (интермедијарни) производи и енергија, покажуваат официјалните податоци.
Овој резултат е сепак подобар од очекувањата на аналитичарите анкетирани од „Блумберг“, бидејќи очекуваа намалување на обемот на производството за 0,7 отсто. Претседателката на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, во април изјави дека неодамнешните скокови на производството во Германија се знак дека најлошото време за европската економија е зад нас.