Во првиот квартал од годинава сезонски приспособениот бруто-домашен производ (БДП) во еврозоната и во целата Европска Унија (ЕУ) се зголеми за 0,3 отсто во однос на претходниот квартал, објави „Евростат“.
Да потсетиме, во последниот квартал од минатата година БДП во еврозоната падна за 0,1 отсто на квартална основа и остана непроменето на ниво на ЕУ.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Високата цена на бакарот е добра вест за рудниците, лоша за индустријата
Цената на бакарот на Лондонската берза на метали (ЛМЕ) вчера се спушти малку откако во вторникот за тон се плаќаа 10.239 долари. Оваа сума е највисоката цена за тон од овој метал во последните две години. Вчера цената падна на 10.114 долари за тон.
Од почетокот на годината цената на металот е зголемена за околу 20 отсто, а аналитичарите сметаат дека поскапувањето не е завршено. „Ситигруп“ предвидува дека во блиска иднина цената ќе се искачи до 10.500 долари за тон.
Причина за растот на цените е стравот од недостиг, а Европската комисија го стави металот на листата на критични суровини чие производство треба да биде стимулирано.
„Македонија 2025“: Да се фокусираме на дигитализација и на подобра регулатива
Дијаспората подава рака, да се фокусираме на дигитализација, борба против корупцијата, подобра регулатива и стабилни институции. Сакаме да ѝ помогнеме на која и да е влада за да го подобриме системот на привлекување инвестиции, и странски, но и од дијаспората. Досега не сме многу успешни во тоа. Во моментов подаваме рака за две клучни области - дигитализација и конкурентност, конкурентност повеќе во смисла како да ја подобриме регулативата, како да создадеме повеќе извозници, но и како да ги промениме институциите за да бидат понаклонети кон економски развој, а сето тоа во насока на постигнување пет отсто стапка на раст, порачаа директорите на „Македонија 2025“.
Тие на вчерашната прес-конференцијата по првиот панел од самитот во Скопје истакнаа дека за да има што повеќе инвестиции од дијаспората во земјава, неопходни се стабилни институции, економски можности за инвестирање и искоренување на корупцијата.
Забавува падот на европскиот пазар на недвижности
По речиси две години континуирано намалување на вредноста, падот на комерцијалниот имот во Европа забавува. Вредностите паднаа за само 0,5 проценти во трите месеци до март, што е значително побавна стапка од падот од 3,4 проценти забележан во последниот квартал од минатата година, покажуваат податоците собрани од „Алтус груп“ (Altus Group).
Иако вредноста на имотот паѓа седум квартали по ред, скромното намалување во првиот квартал од годинава е најдобар резултат од јуни 2022 година, покажуваат податоците на „Алтус“.
Вредноста на имотот е погодена од повисоки каматни стапки бидејќи купувачите имаат поголем поврат во услови на повисоки приноси на државниот долг со низок ризик. Дел од тоа влијание беше неутрализиран со зголемените кирии, но неизвесноста за времето на намалување на каматните стапки го повлече падот, кој започна по руската инвазија на Украина на почетокот на 2022 година.
Како изгледа првиот македонски болид?
Во една од лабораториите на Машинскиот факултет во Скопје група од 20 студенти од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) работи на првиот македонски болид.
Со овој проект тие ќе учествуваат на „Формула студент“ (Formula Student), глобален натпревар наменет за идни инженери на автомобилската индустрија, кој ќе се одржи во август во Велика Горица.
Натпреварот на дисперзиран начин се одржува во 22 земји, а целта е да се поттикнат студентите да дизајнираат, конструираат и да се натпреваруваат со тркачки автомобили.
Автоиндустријата во ретровизор
Фиќо, четворка, жаба, голф, кадет, стокец, југо, пегла, спачек... Ги паметите ли?
Во земјите од Источна Европа, односно оние што беа во рамките на поранешниот Советски Сојуз и таканаречениот Источен блок, автомобилот беше горе-долу недостижна желба, одложена за многу години, па дури и децении на чекање.
Во тој поглед Југославија беше некаде на средината - доста далеку од она што го нудеше животот во тие земји, но и од она што го нудеше Западна Европа. Ваквиот опис веројатно е неопходен поради честото поедноставување или дури и искривување на тоа каде беше таа земја што повеќе не постои. Таа беше, ако сето тоа го спакуваме во политичка перспектива, автомобилски и пазарно неврзана.