Растот на БДП од 1,2 проценти во првиот квартал на 2024 година беше главно поттикнат од потрошувачката. Потрошувачката на домаќинствата продолжи да но со малку пониска стапка во споредба со последните три квартали од 2023 година.
Добро утро! Ова се петте вести што треба да ги знаете на почетокот од денот.
Македонските компании должат над 3,5 милијарди евра
Континуираното затегнување на монетарната политика што предизвика заострување на условите за кредитирање кај банките влијае врз одлуките за задолжување на компаниите односно голем дел од нив чекаат подобри времиња за подигнување нови кредити и реализација на нивните бизнис проекти. Тоа го нотира и Народната банка во извештајот за ризиците во банкарскиот систем за минатата година во кој се вели дека кредитите на претпријатијата забележаа значително забавен раст во 2023 година по забележителниот раст во претходните две години.
Заклучно со декември минатата година вкупните кредити на претпријатијата пораснаа за само 3,2 проценти во споредба со крајот на претходната година во која растот изнесувал 11,8 проценти. Вкупните кредити на корпоративниот сектор од декември 2023 до април годинава се зголемиле од околу 3,4 на околу 3,5 милијарди евра односно за 94,8 милиони евра при што е остварен годишен раст од 6,6 проценти.
Потенцијалот на сончевата енергија и ветерот во регионот Адрија
Не е тајна дека земјите од регионот Адрија имаат значителен геолокациски потенцијал за производство на електрична енергија од обновливи извори. Сепак, регионот Адрија сè уште значително се потпира на употребата на фосилни горива во производството на електрична енергија, што е особено изразено во Србија, Северна Македонија и Босна и Херцеговина. Во овие земји уделот на фосилните горива надминува 60 отсто. Од друга страна, Словенија и Хрватска имаат значително помал удел, пред сè благодарение на нуклеарното производство од нуклеарната централа „Кршко“.
Во 2023 година, соларниот капацитет достигна 2,3 GW, а капацитетот на ветерот достигна 1,9 GW, што е за 687 отсто и 455 отсто (соодветно) повисоко ниво во споредба со периодот пред 10 години. Проширувањето на соларните и ветерните капацитети е овозможено со државни стимулативни мерки, поевтина технологија и помали инвестициски трошоци, како и атрактивни повратни средства од инвестициите. А сепак, иако капацитетите континуирано се зголемуваат, сепак постои слаба искористеност на потенцијалот во регионот.
Луксузни колиби ќе го освојуваат македонскиот пазар
Луксузни колиби (Glamping pods) наскоро ќе почнат да се произведуваат за македонскиот пазар. Овие специјални куќи кои нудат погодности какви што постојат во хотелите со пет ѕвезди веќе им се нудат на заинтересираните купувачи на социјалната платформа Линкдин (LinkedIn). Почетната цена е 35.000 евра.
Како инвеститор на проектот се потпишува „Консалтинг Балкан“ (Consulting Balkan), македонска компанија чија главна дејност е консалтинг, проектен менаџмент и инвестиции во Југоисточна Европа.„Блумберг Адрија“ стапи во контакт со одговорните лица за да дознаеме што точно им се нуди на потенцијалните сопственици. Оттаму велат дека станува збор за привремени живеалишта долги 8,4 метри, целосно функционални да служат и како мали домови. Местата каде што можат да се постават се неограничени.
На 29 пратеници од минатиот состав им се прифатени барањата за апанажа
На 29 пратеници од минатиот состав денеска собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата им го прифати барањето за апанажа. Поднесени се и други барања што се разгледуваат, информираше претседателот на Комисијата Ѓорѓија Сајкоски.
Согласно законските одредби, апанажата е во висина на платата на пратениците и ја исплаќа Собранието односно организацијата во која лицето ја вршело функцијата.Според информациите од Собранието, 57 пратеници од минатиот состав имаат право на апанажа бидејќи не се дел од новиот состав. Рокот за поднесување барања на апанажа започна на денот на верификација на мандатите на членовите на новиот парламентарен состав 2024-2028, а завршува за 30 дена односно на 28 јуни.
Германија продаде акции од „Дојче Телеком“ во вредност од 2,5 милијарди евра
Германија ги продаде акциите на „Дојче Телеком“ за 2,5 милијарди евра, што е последната во серијата продажба на државни удели во компании преку кои Германија се обидува да собере средства.Германската државна банка „КфВ“ (KfW) нуди 110 милиони акции на институционални инвеститори, соопшти заемодавачот доцна во понеделникот.
По продажбата, уделот на „КфВ“ и на владата ќе биде 27,8 отсто, а ќе се зголеми и бројот на акции во слободен промет.Министерството за финансии соопшти дека средствата ќе бидат наменети за докапитализација на железничката компанија „Дојче Бан“ и за изградба на железничка инфраструктура.