Мај го обележи 12-от последователен месец на Земјата со рекордни температури, а летово се очекуваат уште повеќе топлотни бранови.
Службата за климатски промени „Коперник“ на Европската Унија објави дека минатиот месец вкупните температури на глобално ниво биле 1,52 Целзиусов степен над историските просеци и го означиле најтоплиот мај досега. Месецот беше проследен со катастрофални горештини од Калифорнија до Њу Делхи, што доведе дури и до смртни случаи.
Климатските промени ги влошуваат ефектите од екстремните временски услови со тоа што во изминатите 12 месеци глобалната просечна температура е за 1,63 Целзиусов степен повисока од прединдустриските нивоа и над прагот од 1,5 Целзиусов степен што креаторите на политиката и научниците велат дека го загрозува животот на планетата.
Светот го доживеа најтоплиот мај досега
„Шокантно е, но не и изненадувачки што ја достигнавме оваа серија од 12 месеци“, рече директорот на „Коперник“, Карло Буонтемпо. „Живееме во невидени времиња, но имаме и невидена вештина во следењето на климата и тоа може да помогне да постапуваме информирано“.
Северната хемисфера се подготвува за уште едно екстремно лето, откако жешкото време ги загрози здравјето и егзистенцијата на милиони луѓе минатата година.
Рекордна топлина во Северен Атлантик
Калифорнија и југозападниот дел на САД неделава го очекуваат својот прв голем топлотен бран, со температури што се очекува да надминат 40 Целзиусови степени. Подоцна во јуни се очекуваат повеќе пеколни денови. Високите температури во Европа исто така значат дека заканата од шумски пожари достигнува екстремни нивоа во Грција и во Шпанија, а ризиците се шират и на Француската Ривиера.
Индија надмина над 50 Целзиусови степени минатиот месец, со речиси 100 смртни случаи регистрирани во последните неколку дена во една од најтешко погодените држави. Обединетото Кралство го надмина рекордот од 2008 година за најтоплиот мај со просечни температури што ќе се зголемат и во јуни.
Во моментов силниот Ел Нињо односно затоплувањето во Пацификот, што доведе до некои од овие рекордни температури, се намалува. Феноменот Ла Ниња често следува по интензивен Ел Нињо, што доведува до драстична промена на временските шеми - доведувајќи до суши на некои места, додека предизвикува поплави и урагани на други.
Ла Ниња се појавува кога површината на Тихи Океан по должината на екваторот се лади и атмосферата над него реагира.