Криптовалутите забележаа загуби по вториот најлош неделен пад на дигиталните средства во 2024 година, што е одраз на заладувањето на побарувачката за биткоин-фондови со кои се тргува преку берза и неизвесноста околу монетарната политика.
Добро утро, подолу петте вести што го издвоивме за почеток на денот.
Прва задача брз ребаланс: А колкави нови долгови се потребни?
До крајот на годината предвидени се уште две аукции за граѓански обврзници. По една за крај на секој квартал, во септември и декември. Покрај тоа, според календарот за емисија на државни хартии од вредност кој го објави Министерството за финансии во следните шест месеци планирани се и по две аукции месечно за обврзници и записи. Сумите кои ќе се запишуваат на овие аукции не се впишани во календарот.
До крајот на годината пак, за претходно запишани државни хартии од вредност, Министерството треба да исплати над 480 милиони евра. Најголемата сума ќе биде исплатена следниот месец, 113,3 милиони евра. Над 107 милиони евра доспеваат во ноември. Новата министерка Гордана Димитриеска Кочоска која вчера ја презеде функцијата, на 20 јули годинава за прв пат ќе треба да исплати и камата за граѓанските обврзници кои беа запишани лани. На двете аукции лани државата зеде 41,2 милиони евра, со камата од пет отсто и рок на доспевање од две години.
Кои се регионалните милионери што инвестираат во хотели со пет ѕвезди?
Ако се суди по бројот на реализирани и најавени инвестиции во хотели, се чини дека, без разлика што е нивната основна дејност, сопствениците на големиот капитал сакаат да инвестираат во хотели, особено во луксузни. Аргументи има многу - луксузните хотели постигнуваат добри резултати, попрофитабилни се и имаат побрз поврат на инвестицијата.
Луксузните хотели во Копаоник, Златибор, Врњачка Бања, како и на најатрактивните локации во регионот се во сопственост на Миодраг Костиќ, Мирослав Мишковиќ, Предраг Матијевиќ, Филип Цептер и Мирољуб Алексиќ. А оваа „петка“ поседува вкупно 36 хотели, од кои сите се категоризирани со четири или пет ѕвезди. Мирољуб Алексиќ, сопственикот на групацијата „Алко“, не ги задоволил своите деловни апетити само со производство на познати брендови на кондиторски производи и шпорети, туку ја проширил својата деловна империја и на хотели.
Албуми со сликички - страст поголема од играта на трева
Албумот со сликички не е само сувенир - тој е патување низ фудбалската историја. Секоја страница од албумот раскажува приказна за репрезентациите, ѕвездите, градовите домаќини и легендарните стадиони. „Колку што се сеќавам, татко ми ми го купи првиот албум од ваков фудбалски тип, на ’Панини’, за Аргентина во 1978 година. Тогаш тоа беше лиценцирано издание на ’Дечје новине’ од Горен Милановац, угледна домашна издавачка куќа. Тоа би значело дека во ова сум 45 години“, се сеќава на првата средба со сликичките Борис Черкуч, колекционер со долгогодишно новинарско искуство.
Бидејќи имал само три години, Борис верува дека неговиот татко го купил првиот албум повеќе за себе отколку за него. Албумот целосно го сфатил дури во следните години, додека непополнет му стоел во домот, повремено користејќи го како прозорец кон светот, не само фудбалскиот туку и за земјите и приказните што во тој момент му биле несфатливи. Како што вели самиот, токму тоа била важноста на албумот во тоа време, кога немало интернет и многу работи биле недостапни.
Нови ветрови: Паѓаат очекувањата на германските компании, првпат во пет месеци
Деловните изгледи на Германија се влошија за првпат во последните пет месеци, што е знак дека постепеното закрепнување во најголемата европска економија се соочува со спротивставени ветрови. Индексот на очекувањата на институтот „Ифо“ (Ifo) падна на 89 во јуни од 90,3 во претходните месеци - спротивставувајќи се на предвидувањата на аналитичарите за подобрување. Мерката за тековните услови остана стабилна.
„Тоа е назадување“, рече претседателот на институтот, Клеменс Фуест, во понеделникот за радиото „Блумберг“. „Видовме некои подобрувања во последните месеци, но сега се чини дека тоа престана. Негативните податоци што ги гледаме доаѓаат особено од производството“.Читањето на очекувањата го нагласува предизвикот за надминување на економската слабост во последните години, при што потрошувачите остануваат колебливи и покрај зголемените приходи и забавувањето на инфлацијата.
Ве водиме во новата фабрика на „Ферари“ за производство на електрични суперавтомобили
„Ферари“ (Ferrari NV) се приближува кон својот прв целосно електричен суперавтомобил, откривајќи нова фабрика во Италија каде марката ќе ја гради следната генерација на своите популарни возила. Локацијата во Маранело, изградена во изминатите неколку години и заштитена од очите на јавноста, ќе го прави првото електрично возило на „Ферари“ од крајот на 2025 година, заедно со хибридни модели и автомобили со мотори со внатрешно согорување.
Со сјајни бели роботи кои им помагаат на работниците облечени во црвени комбинезони, објектот од 200 милиони евра го претставува следното поглавје за производителот чии производствени капацитети со години рутински се распродаваат, создавајќи најголеми маржи во индустријата. „Ферари“ ја претставува фабриката во време на предизвик за секторот за луксузни автомобили, кој работи на намалување на емисиите токму во моменти кога се намалува побарувачката за електрични возила.