Топлотен бран ги гори Лондон, Париз и Берлин, а Грција се соочува со пожари. Пожарникарите во соседната земја изгасиле 55 пожари за 24 часа.
На самиот почеток на летото извесно е дека оваа 2024 година ќе биде најтопла досега, а бројот на жртви како резултат на високите температури и екстремните временски услови ќе се зголемува од Индија и Саудиска Арабија до САД и Бразил.
Добро утро, ова се останатите пет вести кои треба да ги знаете за почеток на денот
Распонот на македонските еврообврзници сигнализира зголемени ризици
Од ден на ден се менува расположението на инвеститорите за македонските еврообврзници, за што најдобри показатели е движењето на висината на нивните приноси и, уште поважно, на распонот во однос на соодветните германски бенчмарк-обврзници, кои сигнализираат дека упорната инфлација односно воздржаноста околу позначителното олабавување на монетарната политика, ревидирањето на проекциите за економскиот раст и другите економски и неекономски фактори во земјава и во Европа влијаат врз перцепцијата на инвеститорите за ризиците во македонската економија.
Имено, Народната банка на Македонија во последниот квартален извештај констатира дека приносите на македонските еврообврзници во првиот квартал од 2024 година во просек забележаа поизразено намалување во споредба со намалувањето на приносите кај соодветните германски државни обврзници.
Светот е сè позадолжен и поподелен
Сè пооптимистичката економска приказна за 2024 година е приказна за светот што се движи кон меко приземјување. За жал, истиот тој свет станува сè поопасен, поделен, оптоварен, со сè помала еднаквост.
Причините за краткорочниот оптимизам се јасни. Отпорната американска економија ги спротивстави очекувањата дека бранот на зголемувања на каматните стапки на Федералните резерви ќе предизвика рецесија. Велика Британија, која на крајот на минатата година влезе во рецесија, повторно бележи раст, а германскиот индустриски сектор покажува знаци на закрепнување. Дури и во Кина, која е зафатена со долгови, домашните туристи потрошија повеќе на патувања за време на лунарниот новогодишен одмор отколку во 2019 година, за првпат по пандемијата, а домашните фабрики брмчат малку погласно.
ЕЦБ мора да биде подготвена да се справува со политички шокови
Креаторите на политиките на Европската централна банка мора да бидат подготвени да се справат со последиците од политичките шокови што може да се случат во услови на зголемена неизвесност, смета членот на Управниот совет Фабио Панета.
Говорејќи во Хелсинки во средата, само неколку дена пред француските гласачи да излезат на гласање во првиот круг од изборите за нов парламент, шефот на италијанската централна банка рече дека проекциите за инфлацијата и растот што ги користат официјалните лица нудат „само еден од многуте можни исходи“.
„Луфтханза“ догодина воведува дополнителен трошок за патниците
„Луфтханза“ (Lufthansa AG), најголемата европска авиокомпанија, следната година ќе воведе доплата и до 72 евра по лет за да ги покрие зголемените трошоци за алтернативни горива потребни за намалување на штетните емисии на авионите.
Додадените давачки ќе се применуваат за сите поаѓања од Европската унија, Велика Британија, Норвешка и Швајцарија, од 1 јануари, се вели во соопштението на компанијата од вторникот. Тие ќе започнуваат од 1 евро, а точната сума ќе зависи од рутата и билетот.
Римац го претстави концептот за автономен автомобил
Мате Римац, производителот на електрични хиперавтомобили и компоненти, поддржан од „Порше“ и сопственик на „Бугати“, заврши уште еден проект: автономно такси со две седишта, кое сака да го постави на јавните патишта во 2026 година. При грандиозната презентација, која ја придружуваа политичари, инвеститори и новинари, имаше еден мал проблем – роботаксито не работеше, односно не сакаше да излезе на сцената откако Римац го покани преку апликација.
„Имаме долг пат зад нас, направивме грешки, пробивме некои рокови, но и постигнавме работи за кои можевме само да сонуваме. Денеска го претставуваме нашиот најамбициозен проект. Сакаме да понудиме најдобро и најбезбедно возење, кое ќе донесе придобивки не само за луѓето што се возат туку и за градовите, односно за општеството, за да го постигнеме тоа, развивме комплетен екосистем составен од три дела. Првиот е самото возило, вториот е апликацијата, а третиот е инфраструктурата“, рече Римац.