Европскиот парламент вчера со тајно гласање ја реизбра Урсула фон дер Лајен за претседателка на Европската комисија. „За“ реизборот на Фон дер Лајен гласаа 401 европратеник, 284 беа „против“, а 15 се „воздржаа“ од гласање. Вкупно гласаа 707 европратеници, при што седум гласови беа прогласени за неважечки. За реизбор на Фон дер Лајен и беа потребни 361 глас.
Добро утро, ова се останатите пет вести важни за почеток на денот
Половина од ИТ-професионалците размислуваат за бегство од Македонија
Големи промени има во ИТ-секторот во Македонија, кој важи за еден од најдинамичните и најбрзорастечки во земјава. Високи плати, флексибилно работно време оддома или од канцеларија, атрактивни бонуси и приватно здравствено осигурување се само дел од придобивките што ги уживаат вработените во овој сектор.
Сепак, тоа не ги премислува од иселување членовите на ИТ-заедницата, која во земјава неформално има околу 20.000 вработени во секторите програмирање, дизајн и маркетинг. Голем број од нив размислува за преселба во странство, покажува најновото мапирање на ИТ-секторот, спроведено од „ИТ.мк“.
Без промени во политиките на ЕЦБ, ќе се чека септември
Европската централна банка ги остави каматните стапки непроменети по значителното намалување минатиот месец – откривајќи малку за нејзините планови додека инвеститорите и економистите се обложуваат на уште еден потег во септември.
Каматната стапка беше задржана на 3,75 отсто во четвртокот – како што предвидоа сите 55 економисти во истражувањето на „Блумберг“. ЕЦБ повтори дека трошоците за задолжување ќе останат „рестриктивни колку што е потребно“ за да се обезбеди враќање на инфлацијата на 2 отсто.
Кина води во употребата на ГенВИ, САД во спроведувањето, Европа заостанува
Организациите низ светот со ентузијазам користат и инвестираат во генеративна вештачка интелигенција (ГенВИ). Но кои региони и земји водат во нејзината употреба? Според резултатите од глобалната студија подготвена за САС од страна на „Колман паркс“ (Coleman Parkes), Кина води во користењето на генеративната вештачка интелигенција, додека САД предничат во целосната имплементација на оваа технологија.
Кинеските носители на деловни одлуки известуваат дека 83 проценти од нивните организации користат ГенВИ, повеќе од Обединетото Кралство (70 проценти), САД (65 проценти) и Австралија (63 проценти). Сепак, американските организации се понапред во однос на зрелоста и целосната имплементација на технологиите ГенВИ со 24 отсто, во споредба со 19 отсто во Кина и 11 отсто во Велика Британија.
Најдобрите плажи на Охридско Езеро: Каде сакаат да пливаат странците?
Со воведувањето нови чартер-летови до аеродромот „Св. Апостол Павле“, Охрид летово очекува рекорден број туристи. Освен организирани прошетки и посета на локални знаменитости, странските гости сè повеќе претпочитаат квалитетно поминат ден покрај езеро, особено оние што доаѓаат сега, во екот на сезоната, па истражувавме што мислат тие за плажите на охридското крајбрежје и кои според нив се најдобри.
„Не постои подобар начин да поминете летен ден во Охрид од уживање на една од многуте прекрасни плажи“, порачуваат Одри и Хери на нивниот популарен блог „Баџет севи травелерс“ (The Budget Savvy Travelers). Токму оваа американска брачна двојка од Чикаго, која пред една деценија одлучила да ги напушти своите сигурни работни места и комплетно да им се посвети на патувањата, објави список со 11 најдобри плажи во Охрид и околината, со корисни информации за секое од рангираните места.
Грчките острови се соочуваат со деструктивен туризам
Белите улици на Санторини летово ќе бидат преполнети со милиони посетители. Не сите жители на грчкиот остров ќе бидат среќни да ги видат.
„Туризмот ги уништува лозјата“, вели во едно интервју винарот Метју Аргирос. „Кревам црвено знаме за островот“. Неговата семејна винарија, основана во 1903 година, поседува околу една четвртина од лозовите насади на островот и тој предупредува дека цените на земјоделското земјиште пораснале во областа бидејќи програмерите бараат простор за изградба на повеќе куќи за одмор.