Авиокомпаниите ширум светот доживеаја невиден прекин, авионите се приземјуваат, се создава хаос по глобален прекин на компјутерските системи токму во време на сезоната на летни одмори.
Вкупно, повеќе од 1.000 летови ширум светот беа откажани поради дефект на ИТ-системот што ја прекина комуникацијата меѓу персоналот за контрола на авионот и копното. Прекинот ги погоди патниците во особено зафатен ден – Велика Британија, на пример, се подготвуваше за најголем број дневни полетувања од октомври 2019 година, според давателот на податоци за авијација „Цириум“.
„Јунајтед ерлајнс“, „Делта ерлајнс“, „Американ ерланјс“ и „Спирит ерлајнс“ извршија привремено приземјување на летови поради проблеми во комуникацијата, се вели на советодавната страница на Федералната управа за авијација. Во Европа, превозниците од „Луфтханза“ до „Ер Франс-КЛМ“ и нискобуџетната авиокомпанија „Рајан ер“ објавија дека операциите се прекинати бидејќи проблемот го зафати цел свет.
Иако прекини може да се случат во авионската индустрија, тие се редок настан на глобално ниво. Минатиот август, воздушниот простор на Обединетото Кралство го претрпе најголемото нарушување на воздушниот сообраќај во последната деценија, што доведе до стотици одложувања и откажувања во еден од најпрометните денови во сезоната на патувања. На почетокот на минатата година во САД, прекин на системот ги натера американските власти привремено да приземјуваат авиони низ целата земја.
Додека системите вообичаено брзо се враќаат во нормала по таквите прекини, може да бидат потребни неколку дена за да се обнови нормалната услуга бидејќи авионите и екипажот ќе бидат надвор од позиција и мрежните оперативни центри не работат.
Во Амстердам, КЛМ соопшти дека била принудена да ги прекине „повеќето операции“ бидејќи прекинот „го направил управувањето со летовите невозможно“. Индиските нискобуџетни авиокомпании „Спајсџет“ и „Индигоу“ пријавија технички проблеми кои влијаат на онлајн услугите како што се резервации, чекирање и пристап до бординг карти. Авиокомпаниите предупредија на можни долги редици на аеродромите за рачно пријавување.
Меѓународниот аеродром во Делхи објави дека некои услуги биле засегнати, при што патниците се жалат на социјалните мрежи на долго чекање на шалтерите за пријавување и багаж, како и неисправни табли со информации за летот.
Веб-страницата за следење летови „Флајтрадар 24“ покажа дека меѓу најтешко погодените аеродроми во Европа се Берлин, Венеција и Амстердам. Норвешкиот превозник АСА соопшти дека морал да го пренасочи летот за Берлин назад во Осло, затоа што аеродромот во германската престолнина речиси не покажал движења на летот на локацијата за следење. „Гетвик“ објави дека има некои проблеми со своите ИТ системи.
Некои авиокомпании брзо ги вратија своите системи. Шпанската „Иберија“ соопшти дека нејзините системи се вратиле во нормала откако авиокомпанијата рачно ги завршила проверките по прекинот. Системите се вратија и работеа околу 9:30 часот, соопшти шпанската авиокомпанија.
Во Париз, град кој се подготвува за Олимпијадата за една недела, ИТ системите во париските аеродроми „Шарл де Гол“ и „Орли“ не беа директно погодени, иако глобалното забавување наштети на чекирањата, одложувањата и суспензијата на одредени распореди на летови за некои авиокомпании кои оперираат на аеродромите, објави „Аеродроми на Париз“.
Аеродромот Хитроу, најпрометниот во Европа, објави дека летовите функционираат „иако имаме доцнења“.
„Ние спроведуваме планови за вонредни ситуации за да го минимизираме секое влијание врз патувањето“, соопшти лондонскиот аеродром.