Едно повозрасно лице загина во кумановското село Кокошиње, најверојатно задушено од чад, во пожарот што го зафати ова село, информира вчера директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов. Тој додаде дека сопругата на загинатиот била успешно евакуирана.
Ангелов соопшти дека во текот на вчерашниот ден имало над 30 пожари на отворено.
„Околу пладне се појавија повеќе од 15 пожари на отворено, коишто поради ветрот со голема брзина почнаа да се шират и зафатија повеќе села, кои се безмалку напуштени, со малку жители или без жители. Меѓутоа, 15 села беа зафатени од пожарите на отворено“, рече Ангелов.
Прочитај повеќе
Топлотниот бран го зголемува ризикот од пожари низ земјите од Медитеранот
Климатските промени го зголемуваат интензитетот и зачестеноста на топлотните бранови
19.07.2024
Македонија гори: Активни пожари на десет локации
Опожарени се површини на планината Серта, во близина на Радовиш и на Битола, на регионалниот пат Неготино-Штип кај Пепелиште и на уште неколку други места.
16.07.2024
Македонија остана без пилоти за гасење пожари
Сериозно загрозено функционирањето на Дирекцијата за заштита и спасување и способноста да реагира во време на кризи.
13.04.2024
Тој информира дека на територија на Општина Куманово биле зафатени три села од пожарите - Кшање, Кокошиње и Мургаш, каде што има претежно викендички.
„Во овие села се изгорени по неколку куќи, претежно стари куќи. На територија на Старо Нагоричане од пожарите се зафатени три села - Малотино, Руѓенце и село Коњук во коишто исто така има малку жители, и немам информација колку од куќите се стари и напуштени, а колку се населени“, рече Ангелов.
Командирот на ТППЕ Куманово, Дејан Илиевски информираше дека на потегот Кокошиње, Кшање има пожар од поголеми размери.
„На таа локација имаме четири противпожарни возила со 15-тина пожарникари и екипа на Црвен крст“, изјави Илиевски.
Пожари беснееја и во околината на Свети Николе, каде што огнот зафати три села при што се опожарени стари куќи, но и куќи во кои живее месно население во селата Немањици и Малино.
„За жал имаме изгорени куќи, повеќе од куќите во село Немањици се стари и напуштени, но овде имаме зафетено и куќи во кои живее месното население“, изјави Ангелов.
Тој посочи дека во Општина Пробиштип се зафатени две села: Горно Барбарево и Стрицовци, додека на територија на Општина Штип е зафатено село Стар Караорман. Тој додаде дека дел од овие пожари се ставени под контрола.