Екстремно високите температури, на кои Македонија сведочи со денови, и денеска ќе бидат клучен непријател за пожарот на планината Галичица, кој е активен веќе десетина дена. Граѓани и активисти споделуваат стравотни фотографии од огнот, кој се шири најмногу на две локации, на потегот над селата Лескоец и Стење во атарот на општината Ресен, како и во месноста Војтино на охридската страна од планината. Галичица е всушност хорст, кој се издига помеѓу Охридската и Преспанската Котлина односно двете најголеми езера во Македонија. На дел од планинскиот масив се наоѓа и националниот парк Галичица, кој опфаќа и крајбрежни простори на Охридско и Преспанско Езеро.
Според информациите од надлежните, гори нискостеблеста вегетација, а пламенот брзо се шири потпомогнат од воздушните струења и екстремно високите температури.
Навечер, пишува МИА, може да се види и пламен на врвовите на планината во близината на границата кон Албанија, додека во текот на денот погледот кон планината е оневозможен од чад.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека изминатите денови дејствувале и од воздух, со ангажирани воздухоплови. Хеликоптери и утрово го надлетувале Охридско Езеро, но и гаснењето од воздух било отежнато бидејќи се работи на терен на голема надморска височина, што дополнително го усложнува пристапот на воздухопловите.
„Пожарот навлезе во буковите шуми на исток, запад и север, а последните три дена волонтерите сместени во планинската куќа Спиридон постојано се на терен и 24 часа го контролираат развојот на огнот, за подготвување подобар план за дејствување следниот ден“, соопштија од ЦУК.
На терен постојано се распоредени неколку десетини пожарникари, волонтери на Планинската служба за спасување, на националниот парк Галичица, на Црвениот крст од Охрид.
Оттаму велат дека локалното население не пружало помош, додека граѓани во текот на изминатата ноќ споделуваа апели за помош за масовно активно вклучување на граѓаните во справување со непогодата, преку дејствување што би го оневозможило ширењето на пламенот кон шумските појаси.