Дел од армијата, со одлука на врховната командантка, претседателката Гордана Силјановска-Давкова, од вчера се вклучи во гасењето на пожарот што десетина дена ја пустоши Галичица.
Планината од која се гледаат двете природни езера гори од двете страни, и од охридската и од преспанската. Мирисот на чад веќе ги брка камперите од Љубаништа. Во езерото, според пишувањата на медиумите, има саѓи.
Вчера попладне во земјава, според веб-страницата на ЦУК, имаше 49 пожари, од нив 12 активни.
Прочитајте повеќе: Пожари ја пустошат и соседна Грција
Климатските промени се само еден од виновниците за пожарите што беснеат низ Европа летово. Лекот за нив треба да биде зелената транзиција. Преминот кон обновливи извори на енергија, одржливи практики и намалени емисии на јаглерод е од клучно значење за иднината на планетата. Сепак, оваа транзиција, иако е корисна на долг рок, може да има тешки и несакани последици за посиромашните земји како нашата.
Најбогатите, пак, компаниите што влегуваат во групата седум величествени се големи потрошувачи на струја, со што значително придонесуваат за зголемување на штетните емисии во воздухот, а со тоа и за континуиран раст на просечната температура на Земјата.
Вештачката интелигенција носи промени во компаниите, но работниците не се пресреќни поради тоа. Истражувањата покажуваат дека близу половина од работниците од фирмите во кои се воведуваат промените не разбираат зошто сите тие нешта мора да се сменат баш сега веднаш. Плашејќи се за своите работни места, експертите заклучуваат дека работниците остануваат заглавени меѓу денес и утре.
Минатонеделните случувања на пазарите ја обележуваат и оваа недела, кои според познавачите се повик за будење, доказ дека пазарите се ранливи. Сепак, трендот на закрепнување продолжи и неделава, особено по добрите вести за инфлацијата во САД и Велика Британија. Сега веќе станува извесно дека Фед ќе почне со долгоочекуваното намалување на каматите.
Прочитајте повеќе:
Зошто македонскиот пазар на капитал е речиси имун на глобалните случувања?
Банките гo олеснија кредитирањето, монетарните политики речиси без влијание
Неделава ги анализиравме цените на земјиштето во земјава. Се покажа дека за садење може да се купи нива од еден декар за 300 евра. За градење, пак, цела нива не е доволна за еден квадрат земјиште.
Во фокусот неделава беа и фармацевтските компании. Бизнисот со лекови за слабеење е меѓу водечките, а особен раст бележат и компаниите што произведуваат тестови за ковид откако вирусот повторно почна да зема замав. Вчера значителен раст забележаа и акциите на данската компанијата „Бавариан Нордик“, која има одобрена вакцина против мајмунските сипаници, за кои Светската здравствена организација прогласи вонредна состојба во Африка.
Прочитајте повеќе:
Властите во САД размислуваат за расцепкување на „Гугл“ како антимонополска мерка
Како „Нетфликс“ го реши проблемот со споделувањето лозинки
Во светот тензиите не попуштаат. Првпат по Втората светска војна, во делови од Русија има странска војска откако украинските сили напредуваа подлабоко во регионот Курск.
Токму во ваков момент, германската полиција целосно го збуни светот. Побара апсење на лицето Володимир З., Украинец одговорен за саботажа на гасоводот Северен тек. Полицијата нема дозвола да објавува презимиња на осомничените, но за овој Володимир е познато дека е инструктор по нуркање и живее во Полска.