Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) вчера соопштија дека дождот го изгаснал пожарот на Галичица, но нови пожари избиле на планината Плачковица и во Општина Илинден. Во текот на август на територијата на Македонија имало вкупно 667 пожари на отворен простор.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
ББА-анализа: Цените на услугите ќе ги диктираат следните чекори на НБРМ
Инфлацијата забави во регионот Адрија со оглед на тоа што цените се движат околу веќе покачените нивоа, констатираат од аналитичкиот тим на „Блумберг Адрија“ во новата регионална анализа објавена на „Блумберг Адрија инсајт“, во која меѓу другото се даваат прогнози за движењето на инфлацијата и за следните чекори на монетарните власти.
Според нив, смирувањето на надворешните притисоци овозможи цените релативно да се стабилизираат во однос на претходните години. Имено, глобалните цени на енергијата и храната се пониски од една година претходно, што укажува на слаба увозна страна на инфлацијата.
Жените во Македонија очекуваат повисока инфлација од мажите
Очекувањата за инфлацијата стануваат подобри. Последната анкета на Народната банка за инфлациските очекувања спроведена во јуни годинава покажува дека се зголемува бројот на потрошувачи што очекуваат дека цените ќе се намалуваат во следните 12 месеци.
Оптимизмот кај потрошувачите расте иако ризиците за нов инфлациски притисок остануваат исто како и претходно. Тензиите во Украина и на Блискиот Исток и влијанието на климатските промени врз цените на суровините може да создадат проблеми, сметаат испитаниците.
„Фич“ ги објави ризиците за кредитниот рејтинг на Македонија
Значителната нагорна ревизија на целта на буџетскиот дефицит на Македонија (која има кредитен рејтинг ББ+/стабилен) од страна на новата влада не сигнализира ненадејна промена во фискалната позиција по изборите во мај 2024 година, соопшти агенцијата „Фич рејтингс“.
Во соопштението кое е објавено на терминалот на „Блумберг“ се наведува дека формулирањето на политики за поттикнување на растот преку обновување на фискалната дисциплина од 2025 година ќе помогне да се утврди дали намалувањето на дефицитот продолжува како што беше планирано и дали ќе има влијание врз траекторијата на јавниот долг.
„Голдман Сакс“ ја намали веројатноста за рецесија во САД
Економистите на „Голдман Сакс“ (Goldman Sachs Group Inc.) ја намалија веројатноста за рецесија во САД во следната година на 20 проценти од претходните 25 проценти, повикувајќи се на овонеделните податоци за продажбата на мало и бројот на невработени.
Ако извештајот за работните места во август, кој се објавува на 6 септември „изгледа разумно добро, веројатно би ја намалиле нашата веројатност за рецесија на 15 проценти, како што беше речиси една година“ пред ревизијата на 2 август, наведоа економистите на „Голдман Сакс“ предводени од Јан Хациус во вчерашниот извештај до клиентите.
Харис ќе потроши 370 милиони долари на дигитални и телевизиски реклами
Изборниот штаб зад кампањата на двоецот Харис-Валц соопшти дека планира да потроши најмалку 370 милиони долари за дигитални и телевизиски реклами меѓу Денот на трудот и 5 ноември, последниот дел од трката за да се допре до гласачите главно во државите каде расположението е изедначено.
Кампањата овој викенд пласираше ТВ резервации од 170 милиони долари, што е надополнето на дигиталните резервации од 200 милиони долари, соопштија замениците менаџери на кампањата Квентин Фулкс и Роб Флаерти во вчерашниот меморандум.