Според податоците на МОН, новата учебна година ќе почне за 245.000 ученици во основните и средните училишта, бројка што е намалена за 17.000 во последните седум години. Во истиот период бројот на првачиња е намален за околу 3.500 илјади.
Добро утро, подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Кои се најдобрите електрични автомобили: Тест на германски АДАК
„Шкода енијак“ (Škoda Enyaq), „порше тајкан“ (Porsche Taycan), „фолксваген ИД7 pro“ (VW ID.7 Pro), и „хјундаи кона електро“ (Hyundai Kona Elektro) беа прогласени за победници во своите класи по тестирањето што го спроведе германскиот автомобилски клуб АДАК (ADAC) на повеќе од педесетина електрични автомобили. Тестот на АДАК се базира на оценување на перформансите на возилата наспроти трошокот за набавка односно каква вредност добиваат купувачите за потрошените пари.
Од АДАК нагласуваат дека за прв пат автомобил доби оценка 1,5 (многу добар) и тоа не е ниту „порше“ со висока цена, ниту „мерцедес“ или БМВ. Станува збор за „фолксваген ИД7 pro“, големиот електричен седан од Волфсбург. „Трката за првите места е неверојатно возбудлива. Во секој случај, одлуката за купување вообичаено се базира на односот цена-перформанси“, наведуваат од АДАК.
Цената на гасот расте, а има резерви: Што може да тргне на лошо зимава?
Складиштата за гас во Европа се полни, но цената на енергентот од почетокот на летото досега, покажува нестабилност. Во текот на август ги достигна и највисоките нивоа од почетокот на годината и месецот го заврши со цена од околу 40 евра за мегават час.
Аналитичарите велат дека иако сѐ изгледа добро во моментов, инвеститорите се исклучително претпазливи затоа што кога е оваа суровина во прашање се покажа дека доволно никогаш не е доволно. Внимателноста на пазарите се должи на два главни ризика. Првиот е можноста претстојната зима да биде поостра од претходните две и полните резерви во Европа брзо да се потрошат.
Што ќе добие „Подравка“ со аквизицијата на агро-сегментот на „Фортенова“?
Ниската задолженост на „Подравка“ на крајот на првото полугодие од 2024 година од 0,1 пати мерена преку односот на нето долгот кон ЕБИТДА е силна основа за остварување на рекордното стекнување на агри-сегментот на групацијата „Фортенова“.
Најавената вредност на трансакцијата од 333 милиони евра делумно ќе ја финансира ЕБОР (околу 20 проценти), додека остатокот ќе го финансира „Подравка“ преку кредити од деловните банки. По реализацијата на оваа трансакција, „Подравка“ сигурно ќе заборави на досегашната ниска задолженост, па затоа пресметавме колку отприлика ќе изнесува новото задолжување на групацијата „Подравка“.
Европските акции ја губат трката за надминување на американските
Ветувањето дека европските акции ќе добијат предност во однос на американски бледнее по краткиот период на надминување, бидејќи загриженоста за економското забавување влијае на изгледите за заработката. Иако Европа требаше да профитира од оддалечувањето од акциите на големите технолошки компании, инвеститорите наместо кон европските се ориентираат кон потценетите сектори на американскиот пазар.
Нивната предност е поттикната од податоците кои ја покажуваат отпорноста на американската економија и очекувањата дека Федералните резерви ќе ги намалат стапките порано и поагресивно отколку што претходно се очекуваше.
Се очекува невообичаено топол септември: Можни суши на Балканот
Европа ја очекува невообичаено топол почеток на септември, по летото со топлотни бранови и суша на југоисточниот дел на континентот. Се предвидува дека температурите на копното ќе бидат од 5 до 8 степени Целзиусови над 30-годишниот просек на почетокот на месецот, според „Атмосферик“ (Г2 Atmospheric G2). Јужна Германија, Балканот, Украина и Балтикот ќе бидат особено топли, изјави Метју Дрос, метеоролог во „Максар технолоџис“ (Maxar Technologies Inc).
Глобалното затоплување ќе ги пролонгира летните температури во септември, па дури и во октомври во Европа. Тоа ја зголемува заканата од екстремни временски настани, како што се поплави, насилни бури и шумски пожари, но поблагите услови исто така би можеле да го одложат почетокот на грејната сезона, што веќе се случи во 2023 година.