Народната банка на Македонија ја спушти рачната. Каматата на благајничките записи се намали на 6,05 отсто. Ова е прва промена на каматната стапка по една година, истовремено и прво намалување на каматата по повеќе од три години.
Потегот на НБРМ беше очекуван, исто како што беше очекувано и објаснувањето дека иако инфлацијата забавува и е во рамките на проекциите, остануваат ризиците. Според НБРМ, тие ризици се надворешни преку цените на суровините, но и внатрешни преку зголемените плати и пензии.
И Фед одлучи да почне со олабавување на политиката за да ја заштити американската економија. Во исчекување на одлуката, трговците со биткоини прикочија, за веднаш по неа криптовалутата да го достигне тринеделниот максимум.
Прочитајте повеќе:
Штериев: Пазарот на растечки компании и државните обврзници се потенцијал за берзата
Кој ќе има пресудна улога во обидот за преземање на „Стопанска банка“ АД Битола?
Оваа недела ја обележија поплавите во Централна Европа. Досегашните процени за штетите се движат од неколку стотици милиони евра до повеќе од една милијарда евра. Анализиравме како ќе се одрази тоа на осигурителните компании.
Проблемите во Германија останаа во фокусот и неделава. По „Фолксваген“, и БМВ објави лоши вести, а кризата во автомобилскиот сектор во најголемата европска економија се пресликува на целиот европски пазар.
Од домашните теми, неделава пишувавме за забавената реализација на капиталните инвестиции во земјава. Некои од патиштата влегуваат веќе во втората деценија од изградбата, а новиот директор на ЈПДП, Коце Трајановски, вели дека веќе два месеца работи само на откочување на проектите.
Трајановски претходно беше градоначалник и на Скопје, каде што проблемите исто така се нижат. „Стандард и Пурс“ уште еднаш го намали кредитниот рејтинг на градот. Политичките тензии се само една од причините за сѐ понискиот рејтинг, а тие се причина и за стариот возен парк.
Освен автобусите, силен загадувач во земјава се и електроцентралите на јаглен. Пишувавме за најголемите загадувачи во регионот, меѓу кои се рангира и битолската електроцентрала РЕК Битола, на која, според најавите на министерот, животниот век ќе ѝ биде продолжен за 20 години.
Причитајте повеќе:
Глобална ранг-листа: Пад на македонскиот стартап-екосистем, како е во регионот?
Ќе се олицетворат ли конечно ангелите на македонските бизниси?
Необанките го менуваат светот, за македонската регулатива не постојат
Европската Унија и технолошките гиганти и неделава имаа судски битки. „Гугл“ ја доби таа со Европската Унија (ЕУ), со што делумно го надомести поразот од минатата недела. „Епл“, пак, доби предупредување од Европската Унија да ги отвори своите строго заштитени оперативни системи за ајфон и ајпад за конкурентските технологии или во спротивно ќе се соочи со значителни казни.
Во пресрет на изборите во САД растат тензиите. Шефот на „Мајкрософт“ вели дека странски актери веќе шират лажни видеа и објави за да предизвикаат раздор околу претседателските избори во САД. Според него, мешањето ќе биде најсилно на два дена пред изборите во ноември.
На Блискиот Исток состојбата дополнително се комплицира. Околу 2.800 луѓе, вклучувајќи и стотици претставници на Хезболах, беа повредени, а неколкумина загинаа низ Либан кога нивните пејџери експлодираа. Некој ги трансформирал уредите во бомби.