Еврозоната повеќе не може да се занимава со уредно оркестрирани намалувања на каматните стапки во мали чекори: сите економски предупредувачки знаци трепкаат во црвено, предупредува колумнистот на „Блумберг“ Маркус Ашворт.
Пред утрешниот состанок тој порачува дека депозитната стапка треба да падне на три отсто, а единствената цел на ЕЦБ треба да биде избегнување на дефлација.
Добро утро, ова се петте вести што треба да ги знаете за почеток на денот.
Кои акции од МБИ10 имаат најголем раст во 2024 година?
Сите компании кои го сочинуваат берзанскиот индекс МБИ10 имаат зголемување на вредноста на акциите во текот на 2024 година, а со раст на просечната цена од 88,5 проценти од почетокот на годинава заклучно со 10 октомври предводат акциите на „Македонијатурист“.
Втори на листата се акциите на „НЛБ Банка“ со зголемување на просечната цена од 51 процент, а трети се акциите на „Комерцијална банка“ со раст од 66,6 проценти.
Сè повеќе финансиски директори стануваат извршни директори
Кога производителот на бакар „Фрипорт-МцМоРан“ (Freeport-McMoRan) воведе „драстичен пристап на штедење“ за време на пандемијата, како што го нарече еден аналитичар, финансиската директорка Кетлин Квирк помогна да се намалат капиталните расходи за речиси 30 проценти.
Во „Дупонт“ (DuPont), одборот на директори ѝ ја довери задачата на финансиската директорка Лори Кох да ги врати довербата кај инвеститорите и деловната дисциплина. Кристофер Петерсон, како главен финансиски директор во „Њувел брендс“ (Newell Brands), која стои зад брендовите „Шарпие“ (Sharpie) и „Елмерс“ (Elmer’s), драстично го намали својот асортиман на производи за да ги намали трошоците.
Индексот S&P 500 и натаму има сила да урива рекорди, но треба да се внимава
Индексот S&P 500, којшто акционерите често го сметаат за инвестиција во американската економија, оствари невообичаени перформанси оваа година. Покрај тоа што од почетокот на 2024 година порасна за повеќе од 20 отсто, индексот што го следи движењето на акциите на 500-те најголеми американски компании на берзата дури 46 пати ја урна сопствената рекордна вредност на берзата.
Како што наведуваат аналитичарите, доколку се подредат одредени околности растот може да продолжи понатаму.
Нов акциски план за Западен Балкан и договори со ЦЕФТА за полесна трговија
Нов акциски план за заедничкиот регионален пазар на Западен Балкан за олеснување и зголемување на меѓусебната соработка на земјите, но и нивна побрза заедничка интеграција на европскиот пазар, се потпиша на берлинскиот самит. На самитот се сретнаа лидерите на Берлинскиот процес од Западен Балкан и поединечни претставници од земји членки на Европската Унија (ЕУ).
Во соопштението се образложува дека продолжувајќи го напредокот постигнат во последните четири години, лидерите на Западен Балкан усвоија нов акциски план за заедничкиот регионален пазар за периодот 2025-2028 година, кој поставува насоки за подобрување на трговијата, мобилноста и инвестициите во регионот, како и за интеграција со единствениот пазар на ЕУ.
Роботите на „Тесла“ се контролирани од луѓе?
Компанијата „Тесла“ (Tesla) ангажирала луѓе за од далечина да управуваат со некои способности на нејзините прототипи на роботот „оптимус“ (Optimus) на неодамнешниот настан дизајниран да генерира ентузијазам кај инвеститорите за претстојните производи, според луѓе запознаени со ситуацијата.
Вработени сместени на други места надгледувале многу од интеракциите помеѓу хуманоидните машини и присутните на минатонеделниот настан „Ние, робот“ (We, Robot) во близината на Лос Анџелес, велат упатените, кои побараа да останат анонимни. Прототипите на „оптимус“ можеле да одат без надворешна контрола користејќи вештачка интелигенција, посочуваат изворите.