Во Владата вчера беа потпишани договорите помеѓу владините министерства и единиците на локална самоуправа кои учествуваа во јавниот повик, ги исполнија условите и добија средства од проектот за капитални инвестиции за општините во вкупна вредност од 250 милиони евра. Согласно првиот повик кој го објави Министерството за локална самоуправа склучени се договори за 274 проекти во вкупна вредност од околу 4,1 милијарди денари (66,6 милиони евра). Најголем дел од парите ќе се потрошат на инвестиции во изградба на локални патишта и улици.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Запоставената патна инфраструктура на државно и на локално ниво е еден од најгорчливите проблеми кои го кочат развојот на македонската економија. Додека ние конечно дочекавме државата да покаже чувство за потребата од децентрализација на средствата за инфраструктурни проекти може да се забележи дека во светот меѓу главните теми се сајбер возилата односно возилата со автономно управување, футуристички визии како светска лична карта односно „ворлд ај-ди“ и нови финансиски системи базирани на крипто-средства, како и дека земји чиј главен мотор на БДП е нафтата сега вложуваат стотици милиони евра во развој на вештачката интелигенција, само за да фатат чекор во глобалната трка. Ние очигледно сериозно доцниме.
Подолу петте вести што ги издвоиме за почеток на денот.
Преглед на берзите: „Тесла“ најголемо изненадување, се чекаат изборите во САД
„Тесла“ беше најпријатното изненадување на светскиот пазар на капитал во измината недела откако акциите на компанијата остварија раст од 22 проценти во четвртокот во Њујорк, што е најголема добивка од мај 2013 година. Растот на вредноста на акциите дојде откако производителот на автомобили објави изненадувачки силна заработка и прогноза за раст на продажбата на возила од дури 30 проценти во следната година.
Добрите резултати од третиот квартал беа поттикнати од пресвртот што го донесе „Сајбертрак“ (Cybertruck), кој генерира профит за прв пат откако беше пуштен во производство. Пониските трошоци за материјали, проширувањето на енергетскиот бизнис и продажбата на кредити на производителите на автомобили на кои им е потребна помош за усогласување со ограничувањата за емисиите, исто така, придонесоа за најдобрата квартална заработка на „Тесла“ во повеќе од една година.
Во работилницата на „сферата“ на „Ворлдкоин“, смелиот и апсурден заштитник на човештвото
Живописниот центар на германскиот град Нирнберг не зрачи баш со високотехнолошки дух. Има замок, катедрала, постери што ги фалат колбасите и нешто што изгледа како бескрајна низа продавници за сладолед за туристите. Меѓутоа, еден викенд во средината на мај, за оние што следеа внимателно, градот беше домаќин на откривањето на вистинско технолошко задоволство.
Посетителите на футуристички дизајнираната продавница „Џозефс“ (Josephs), недалеку од главната улица, наидоа на мистериозна метална топка со големина на диња. Сјајната хромирана топка се потпираше на црн столб издигнат од голема правоаголна дрвена основа, а целиот дисплеј се наоѓаше во близината на излогот во изложбениот простор на „Џозефс“. Недалеку од овој чуден предмет се наоѓаше Алекс Бланија, еден од креаторите на „сферата“ (англ. orb).
ББА-коментар: Регулирањетo на цените на струјата и гасот на клацкалка
Глобалниот пораст на цените на енергијата во претходните години го зголеми товарот на трошоците за компаниите. Електричната енергија е незаменлив влезен трошок и зголемувањето на цените влијае и на помалите потрошувачи бидејќи тие плаќаат повисоки цени за електрична енергија и на најголемите потрошувачи едноставно поради количеството што го трошат. Сепак, цените од пазарот не се рефлектираа целосно во цените за корисниците, бидејќи беа воведени мерки што ќе го ограничат прелевањето на цените на крајниот корисник (во овој случај економијата), што го олесни товарот на економијата, но на крајот го намали притисокот на трошоците врз инфлацијата.
Во Србија цената на струјата беше ограничена, но бидејќи беа намалени берзанските цени, откако одлуката престана да важи, цените за стопанството всушност беа намалени. Во септември, ЕПС (Електропривреда Србије) донесе нова методологија за формирање на цените, која се очекува да им обезбеди подобра флексибилност на купувачите на енергија во однос на нивните потреби за потрошувачка.
Кина казни 589.000 лица за подмитување
Кинеската агенција за борба против корупцијата казни 589.000 луѓе во првите девет месеци од годината за прекршување на дисциплината, вклучително и прифаќање или нудење поткуп. Меѓу казнетите има 53 функционери на министерско ниво, или еквивалентно, се вели во соопштението на Централната комисија за дисциплинска инспекција. Според комисијата, вкупно 2.972 предмети биле префрлени на обвинителството за понатамошна истрага.
Последната сеопфатна антикорупциска кампања во Кина опфати рекорден број високи функционери две години по ред, со фокус на финансиската индустрија. Властите ги означија некои банкари како „хедонистички“ и создадоа нов работен комитет за финансиска корупција, што укажува на притисок за потраен надзор на секторот.
Саудиска Арабија на големо се вклучува во трката за развој на вештачката интелигенција
Инвестицискиот фонд на саудиската „Арамко“ одвои 100 милиони долари за инвестирање во стартапи со вештачка интелигенција, бидејќи сака да го забрза притисокот Саудиска Арабија да стане поконкурентна сила во глобалната вештачка интелигенција. „Ваед венчрс“ (Wa’ed Ventures) назначи советодавен одбор составен од поранешни вработени од компании како „Мета“ (Meta Platforms Inc) и „Амазон“ (Amazon.com Inc.) за да ги истражи инвестициите во рана фаза во овој сектор. Парите ќе бидат распоредени во следните три години, велат од компанијата.
„Оваа инвестиција не само што ќе ги поттикне локалните претприемачи, туку и ќе ја поддржи локализацијата на глобалните таленти“, рече Анас Алгатани, вршител на должноста главен извршен директор на „Ваед“. Инвестицискиот фонд на нафтениот гигант „Арамко“ вреден 500 милиони долари, го удвојува капиталот за вештачката интелигенција оваа година, бидејќи Саудиска Арабија има за цел да велзе на листата топ 15 земји за вештачка интелигенција.