Шпанскиот крал Фелипе во неделата се најде опкружен со гневни граѓани за време на посетата на една од областите кои се најтешко погодени од неодамнешните поплави. Гневот е резултат на начинот на кој државата се справува со најголемата природна катастрофа во земјата во последните децении.
Кралот шеташе заедно со премиерот Педро Санчез и регионалниот претседател на Валенсија, Карлос Мазон, во градот Паипорт, кога толпата почна да фрла предмети, вклучително и да извикува „убиец, убиец“ – скандирања кои изгледа дека беа насочени кон двајцата политичари.
Полицијата веднаш тргна да ги заштити кралот и Мазон, додека Санчез беше придружуван од обезбедувањето. Кралот Фелипе подоцна продолжи да шета низ градот и се приближи до група демонстранти за да разговара со нив.
Ваквите ситуации се ретки за кралот во Шпанија, каде што тој ретко се соочува со гневот на јавноста од прва рака. Овој настан е резултат на фрустрациите во Валенсија откако во поројните поплави на 29 октомври загинаа повеќе од 200 луѓе, стотици исчезнаа и беа уништени илјадници домови. Растат критиките против одговорот на Мазон и Санчез на кризата.
Паипорта се наоѓа на неколку километри од градот Валенсија, трет по големина во Шпанија. Иако на 29 октомври речиси и да немаше дожд, тој беше погоден од поројни дотеци што се влеваа во градот.