ПОЛИТИКА
Камала Харис го призна поразот
Се очекува победата на Трамп да ја потресе енергетската и еколошката политика на САД и веројатно ќе има големи импликации врз производството на нафта, развојот на офшор ветерници и продажбата на електрични возила. „Ситигруп“ (Citigroup Inc.) наведува дека новите трговски тарифи за Кина би можеле дополнително да го загрозат нејзиниот раст, пишува „Блумберг“ (Bloomberg).
Американскиот долар се стабилизира, по скокот по изгласаната победа. Потсетуваме дека изборот на Трамп за претседател на САД го поттикна најголемиот раст на американската валута во една година, притискајќи ги стоките.
Откако републиканскиот кандидат повторно беше избран за претседател на САД, демократската противкандидатка Камала Харис телефонски му ја честита победата. Харис исто така им се обрати на своите поддржувачи и истакна дека ги прифаќа резултатите од гласањето, со ветување дека ќе инсистира на мирна транзиција на власта во наредните два месеца. Потсетуваме, Трамп се враќа во Белата куќа со 292 електорски гласа, додека Харис освои 224. За победа беа потребни најмалку 270 гласа.
Се распадна коалициската влада во Германија
Канцеларот Олаф Шолц го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер, велејќи дека Линднер премногу често ги блокира решенијата и дека, меѓу другото, го отфрли предлогот за суспендирање на правилата за ограничување на новото задолжување. Со тој чин практично престана да постои трипартитната коалиција, која моментално е на власт. Инаку, партијата на Линднер е Слободната демократска партија (ФДП).
Разрешениот министер и ФДП инсистираа германската влада да се придржува до строгите правила за трошење и даночните намалувања, иако нивните левичарски коалициски партнери сакаа да ги задржат социјалните трошоци и да ја зајакнат економијата преку стимулации.
Шолц најави гласање за доверба за 15 јануари, додавајќи дека сака предвремени избори до крајот на март. „Почитувани граѓани, посакувам да можев да ве поштедам од оваа тешка одлука, особено во вакви времиња кога расте неизвесноста“, се наведува во соопштението на германската канцелар.
ЕКОНОМИЈА
Фед, според прогнозите, ги намалува каматите за 25 базични поени
Со резултатите од претседателските избори, фокусот на инвеститорите постепено се префрла на американските Федерални резерви (Фед), кои денеска ќе донесат одлука за каматните стапки. Откако Фед ќе ги намали каматните стапки за очекуваните 25 базични поени, претседателот Џером Пауел ќе се соочи со серија прашања за тоа како враќањето на Трамп во Белата куќа ќе влијае на економскиот раст, инфлацијата и трошоците за задолжување.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции се тргуваат мешано, бидејќи инвеститорите продолжуваат да го анализираат враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа. Потсетуваме дека европските берзи во средата завршија со загуби, бришејќи ги претходните добивки.
САД
Од друга страна, фјучерсите на американските индекси претежно се во зелено, бидејќи инвеститорите се позиционираат за вториот мандат на Трамп и очекуваното намалување на каматните стапки од страна на Фед. До крајот на годината официјалните лица прогнозираа уште едно намалување на каматите за четвртина процентен поен. Сепак, најважното прашање е како би изгледал Фед под мандатот на Трамп?
Потсетуваме дека американските акции во средата достигнаа историски вредности. Индексот S&P 500 порасна за 2,5 отсто, во очекување дека политиката на Трамп, која фаворизира пониски даноци и послаба регулатива, би можела да им даде поттик на корпоративните профити. За индексот S&P средата беше најдобриот постизборен ден во историјата. Истовремено, приносите на долгогодишните американски обврзници пораснаа, додека доларот регистрира најголем раст во една година.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, тие претежно се тргуваат во зелено, по примерот на Волстрит. Клучните индекси во Хонгконг и во Кина растат, поради очекувањата дека официјален Пекинг ќе лансира дополнителни стимули за економијата, а еве како целиот овој регион се подготвува за враќањето на Трамп на власт.
НАФТА
Нафтата порасна во четвртокот, по нестабилната сесија во средата додека трговците сè уште ја оценуваа можната победа на Трамп на претседателските избори. Глобалниот репер брент порасна над 75 долари за барел, додека ВТИ (West Texas Intermediate) беше близу 72 долара.
Нафтата, генерално, имаше нестабилна година, погодена од тензиите на Блискиот Исток, политиката на снабдување на ОПЕК+, како и слабеењето на побарувачката во најголемиот увозник - Кина. Увозот на нафта во Кина повторно падна минатиот месец, а се очекува дека администрацијата на Трамп ќе биде поповолна кон националните производители на нафта. Таквиот став би можел значително да влијае на политиката на санкции и нивната примена, односно новиот американски претседател настојува да го ограничи приливот од главниот производител на нафта, а тоа е Иран.