Доналд Трамп во јануари ќе се врати во Белата куќа откако во вторникот ја победи противкандидатката Камала Харис во една од најполаризираните изборни трки за претседателската позиција во историјата на САД.
Сублимирано, по ноќта во која се пребројуваа гласовите, биткоинот ја надмина границата од 75.000 долари, што е нов рекорд за криптовалутата, доларот зајакна, цената на златото падна, а инвеститорите што претпочитаат обложување на валутите, малку неверојатно, се свртеа кон турската лира.
Трампизацијата најпозитивно влијаеше на богатството на најбогатите. Милијардерите предводени од Илон Маск од „Тесла“ (Tesla Inc.) се збогатија за 63,5 милијарди долари во средата, според индексот на милијардери на „Блумберг“.
Изборната еуфорија од САД не беше спласната кога стигна веста за политичката криза во најголемата економија во Европа. Канцеларот Шолц го разреши министерот за финансии Кристијан Линднер и кажа дека сака избори до март. Политичката криза во Германија се случува во екот на економската криза во земјата, која се прелева во сите земји од регионот, а веќе е видлива и во статистичките податоци за извозот од земјава.
Прочитајте повеќе:
Харис или Трамп – колку е тоа важно за Македонија?
Инфлацијата во земјава во октомври значително забрза. Од 2,6 отсто во септември, се искачи на 3,5 отсто. Главната причина за овој раст е цената на храната, која јаде најголем дел од домашниот буџет. НБРМ во своите есенски проекции констатира дека годинава просечната инфлација ќе изнесува 3,5 отсто. Што се однесува до растот, централната банка за следната година предвидува понизок раст од Владата, а постои и загриженост од случувањата во Германија.
Неделава пишувавме за новите активности на НЛБ, овој пат во бизнисот со автомобили. Групацијата НЛБ преку својата новоформирана компанија „НЛБ кар и гоу“ (NLB Car&Go) ја купува словенечката веб-платформа за продажба на возила „Доберавто.си“ (DoberAvto.si), која е во сопственост на Авто-мото сојузот на Словенија (Avto-moto zveza Slovenije – AMZS).
Прочитајте повеќе:
Допрва ќе нè боли главата, поскапуваат главните состојки за апчињата
„Тему“ и „Шејн“ нѐ водат во ера на потрошувачка култура на Тикток
Пишувавме и за придобивките од геотермалната енергија. На ова поле, од земјите во регионот Хрватска може да биде лидер, но постојат премногу регулаторни пречки за земјата да се претвори во геотермално елдорадо и да ги намали штетните емисии што водат до климатски промени.
Поплавите во Шпанија, кои се резултат на климатските промени и во кои загинаа над 200 лица, ги разгневија граѓаните во погодените подрачја. Гневот го почувствуваа и премиерот и кралот. Граѓаните се лути затоа што системот во земјата затаи.
Прочитајте повеќе:
Зошто компаниите откупуваат сопствени акции
Институцијата деловен ручек или каде да се јаде добро на Балканот?
Каква е состојбата кај нас? Анализиравме дали имаме брани што можат да нѐ спасат од големи поплави. Експертите велат дека, генерално, состојбата е добра иако земјава има само една брана чија примарна функција е заштита од поплави.