ПОЛИТИКА
Трамп именува уште кадри
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп продолжи со именувањето неколку кадри што ќе бидат членови на новата американска администрација, што е навестување дека брзо сака да ја примени својата нова имиграциска и регулаторна политика. Трамп го одбра Мајк Волц, конгресмен од Флорида, за свој советник за национална безбедност, додека за нова амбасадорка на САД во ОН ја одбра републиканската членка на Претставничкиот дом, Елисе Стефаник.
Трамп планира да го именува и долгогодишниот соработник Стивен Милер за заменик-шеф на кабинетот на Белата куќа задолжен за политички прашања, додека Том Хоман ќе биде шеф за гранична политика и политика за депортација во новата администрација.
КРИПТОИНДУСТРИЈА
Биткоинот на чекор до 90.000 долари
Рекордниот раст на биткоинот ја подигна вредноста на дигиталната валута над нивото од 89.000 долари, откако Трамп вети дека ќе го поддржи развојот на криптоиндустријата во САД. Со најновиот раст, вкупната вредност на криптопазарот го надмина нивото од времето на пандемијата. Имено, биткоинот зајакна за 32 процента од 5 ноември, кога во Америка се одржаа изборите, за рано утрово да достигне ниво од 89.599 долари.
БЕРЗИ
Европа
Следува преглед на состојбата на глобалните пазари на капитал. Фјучерсите на европските акции утрово се тргуваат мешано, пред објавувањето на најновите податоци за инфлацијата во Германија. Економистите на „Блумберг“ очекуваат дека инфлацијата во октомври забрзала на два процента од 1,6 проценти во септември.
САД
Истовремено, фјучерсите на американските индекси се тргуваат претежно во црвено, пред објавувањето на утрешните податоци за инфлацијата. Се очекува дека вкупната инфлација во октомври пораснала за 0,2 проценти, и тоа четврти месец по ред, додека на годишно ниво пораснала за 2,4 проценти.
Економистите стравуваат дека предложените повисоки царини на новоизбраниот претседател Доналд Трамп би можеле да ја влошат долгорочната инфлација и значително да ја отежнат работата на Федералните резерви.
Азија
Кога станува збор за акциите во азиско-пацифичкиот регион, повеќето се тргуваат во црвено, бидејќи инвеститорите продолжуваат да ги анализираат ефектите од политичката агенда на Трамп, но и од посилниот долар врз регионалните економии. Референтниот индекс MSCI е во пад трет ден по ред, додека акциите во Хонгконг предничат по загубите во тој регион. И акциите во Јапонија се во пад, иако тамошната влада вети повеќе од 65 милијарди долари помош за секторите на чипови и вештачка интелигенција.
НАФТА
Нафтата падна трет ден по ред поради слабата побарувачка во Кина, посилниот американски долар и загриженоста дека на пазарот би можело да дојде до прекумерна понуда. Брентот падна под 72 долара откако загуби пет проценти во текот на две сесии, а ВТИ (West Texas Intermediate) беше над 67 долари. Најновите кинески мерки за поттикнување на економијата беа запрени без директни стимули, а инфлацијата сè уште е слаба. Индексот на доларот достигна едногодишен максимум бидејќи инвеститорите се приспособуваат на изборната победа на Доналд Трамп, правејќи ја суровата нафта поскапа за повеќето купувачи.