Не толку долго откако американскиот претседател Доналд Трамп го шокираше светот велејќи дека САД планираат да „управуваат“ со Венецуела, над јужноамериканската нација надвисна неизвесност околу одговорите на прашањата што точно значи тоа и кој всушност е на власт.
Отпорот на Трамп да ги задржи американските војници на терен и неговото отфрлање на лидерката на опозицијата во Венецуела, како „добра жена“ која не е подготвена да ја преземе власта, сугерираат дека тој одлучил да им даде втора шанса на лојалистите на Мадуро за целосна промена на режимот.
А, кои се целите на Трамп? Иако тој и високи претставници на администрацијата велат дека нивната главна цел е да го спречат протокот на нелегални наркотици во САД, сепак во игра се и други работи, како нафтата и решавањето на проблемот со венецуелските имигранти во САД.
Инаку, американската акција за апсењето на Мадуро за Кина може да претставува модел како Пекинг би можел да се справи со тензиите со Тајван.
Добро утро, следува изборот на други важни вести за почеток на денот.
Преглед на берзите: Волстрит без „Божиќ“, Европските индекси ги движи одбраната и германската индустрија
Неделата што ги поврза крајот на годината и првите чекори во 2026 година послужи како мешавина од празнична суша на ликвидност и стратешко позиционирање на инвеститорите кои веќе се подготвуваат за претстојната сезона на квартално известување за глобалните пазари на капитал.
Додека американските индекси во првите денови од јануари покажаа некои знаци на замор и консолидација по силниот годишен финиш, стариот континент ја започна новата година со апсолутни рекорди.
Макроекономски прогнози за 2026 година: Стабилен раст и висока инфлација
Солидниот раст од третиот квартал од 2025 година го поттикна оптимизмот за 2026 година. Во трите месеци од јули до септември растот на БДП забрза на 3,8 отсто на годишна основа.
Овој резултат пред сè се должи на растот во бруто-инвестициите, кои се зголемија за над 30 отсто. Ова е одраз на инвестициските активности во приватниот сектор и на инфраструктурните инвестиции на државата и општините. Значаен придонес кон растот, на производствената страна, даде градежништвото со раст од 21 отсто. Токму овие два сегмента ќе бидат најголеми поддржувачи на растот и во 2026 година.
ББА прогноза: Како ќе се движи цената на природниот гас во 2026 година?
Цената на природниот гас го задржа негативниот сентимент во текот на целата 2025 година. Во Европа неговата цена од почетокот на годината падна за 45 проценти, на 27,5 евра. На годишна основа, пак, просечната цена се зголеми како последица на растечките геополитички тензии во 2025 година.
Складирањето гас во ЕУ на крајот на 2025 година е со капацитет од 70 проценти, под петгодишниот просек, но масовните дополнувања на капацитетот на течен природен гас (LNG) од САД, Канада и Катар продолжија да ги туркаат глобалните пазари на гас во преголема понуда.
ББА прогноза: Како ќе се движат цените на нафтата во 2026 година?
Цените на суровата нафта останаа негативни во текот на целата 2025 година. Цената на брент нафтата од почетокот на годината се намали за 16,7 проценти, на 62,1 американски долари. Ретките ценовни скокови беа резултат на геополитичките тензии.
Главно цената на брент нафтата паѓа поради силниот раст на понудата и зголемените залихи. Притисокот надолу дојде од забрзаната замена на нафтата со употреба на обновлива енергија во транспортот и производството на енергија. Од страната на понудата, пак, производството во САД продолжува да биде близу рекордно високите нивоа, а зголемувањето на производството на ОПЕК+ создаде глобален суфицит и влијаеше врз падот на цените.
ОПЕК+ веројатно ќе продолжи да испорачува нафта со исто темпо
ОПЕК+ (Организацијата на земји извознички на нафта и нивни сојузници) веројатно ќе се држи до плановите за паузирање на зголемувањето на производството на нафта во текот на првиот квартал и политиката на организацијата нема да биде засегната од ескалацијата на ризиците во Венецуела и на други места, рекоа делегатите.
По минатогодишното брзо обновување на производството, клучните членки, предводени од Саудиска Арабија и Русија, ја разгледуваат одлуката - првпат донесена во ноември - за запирање на понатамошните зголемувања на снабдувањето во текот на првиот квартал.