Часови откако американскиот претседател Доналд Трамп го шокираше светот велејќи дека САД планираат да „управуваат“ со Венецуела, над јужноамериканската нација надвисна неизвесност околу одговорите на прашањата што точно значи тоа и кој е на власт.
Соборениот венецуелски претседател Николас Мадуро беше обвинет затвореник на лет за Њујорк додека неговата потпретседателка Делси Родригез - за која Трамп рече дека ќе соработува со Вашингтон за „повторно да ја направи Венецуела голема“ - ја осуди интервенцијата како „варварска“ и „киднапирање“. Врховниот суд на Венецуела доцна во саботата и ги додели на Родригез сите претседателски овластувања во својство на вршителка на должноста.
Збрката дополнително ја засили фактот што Белата куќа понуди малку детали за тоа што би значело водењето на нација од околу 30 милиони луѓе, која инаку е голем производител на нафта. Американски функционер изјави дека државниот секретар на САД, Марко Рубио - кој ја помина својата кариера критикувајќи го Мадуро и неговиот претходник, Уго Чавез - ќе ја преземе водечката административна улога.
Прочитај повеќе
Глобалните левичарски лидери го осудуваат нападот на САД врз Венецуела
Глобалните левичарски лидери ги осудија американските напади врз Венецуела, што се случија рано утрово и доведоа до апсење на Николас Мадуро во Каракас.
03.01.2026
Трамп тврди дека Мадуро е заробен по американските воздушни напади во Венецуела
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека САД го заробиле претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, и го однеле од Венецуела.
03.01.2026
Експлозии во Каракас, Венецуела ги обвинува САД за нападот
Првите експлозии се слушнаа околу два часот наутро по локално време, според жителите. Венецуелската влада соопшти дека во три региони биле погодени воени и цивилни цели.
03.01.2026
Кои се целите на Трамп преку отстранувањето на Мадуро од Венецуела?
Со апсењето на Мадуро и неговото гонење во САД, официјалните лица тврдеа дека тој бил вмешан во трговија со дрога. Но, Трамп јасно стави до знаење дека има и други планови
04.01.2026
Апсењето на Мадуро е модел што Кина може да го примени со Тајван
Апсењето на венецуелскиот лидер предизвика широка дискусија во Кина со оглед на тоа дека операцијата нуди модел за тоа како Пекинг би можел да се справи со тензиите со Тајван.
04.01.2026
Засега, нема наведен план за присуство на американски трупи или администратори во Венецуела. Но, Трамп сигнализираше дека е силно фокусиран на нафтата на земјата, велејќи дека САД ќе имаат „присуство во Венецуела кога станува збор за нафтата“. Тоа би можело да значи поголема улога за „Шеврон“ (Chevron Corp.), компанијата која сè уште работи во Венецуела под ослободување од санкциите, како и за други големи американски нафтени компании.
Отпорот на Трамп да ги задржи американските војници на терен и неговото отфрлање на лидерката на опозицијата во Венецуела, Марија Корина Мачадо, како „добра жена“ која не е подготвена да ја преземе власта, сугерираат дека тој одлучил да им даде втора шанса на Родригез и другите лојалисти на Мадуро за целосна промена на режимот. Мадуро е во американски притвор на Менхетен и е фотографиран при пристигнувањето на хелиодромот Вестсајд во Њујорк.
Bloomberg Mercury
„Трамп во суштина се обидува да ја контролира потпретседателката и луѓето околу неа со познатиот принцип на употреба на моркови и стапови за да ги добие резултатите што ги сакаат Соединетите Американски Држави“, рече Метју Крониг, потпретседател и виш директор на Центарот за стратегија и безбедност „Скоукрофт“ (Scowcroft) при Атлантскиот совет. „Ќе видиме дали ќе функционира“.
Се чини дека подоцна Трамп го потврди тој пристап со своите изјави за „Њујорк пост“ (New York Post), кога рече дека американските трупи на терен нема да бидат неопходни сè додека Родригез „прави тоа што ние сакаме“.
Таа стратегија е огромен ризик - особено за претседател кој во 2016 година водеше кампања за прекин на „вечните војни“ на Америка, но оттогаш ја користеше американската војска за да напаѓа цели во Иран, Јемен, Нигерија и Карипското Море.
Венецуела со децении страдаше од лошо управување, што ја еродираше нафтената инфраструктура на земјата, предизвика долготрајни напади на хиперинфлација и виде милиони економски и политички мигранти како бегаат во соседните земји и САД. Целосен колапс на владата предизвикан од американскиот напад рано наутро ризикува да предизвика уште поголеми превирања.
Родригез, која многумина ја сметаат за најмоќната личност во земјата по Мадуро, вчера даде мешани пораки во своите јавни коментари. Таа повика на враќање на заробениот претседател, но исто така рече дека Венецуела сè уште може да има „односи полни со почит“, можеби и нудејќи пат кон смирување на тензиите со САД ако успее да ја консолидира власта и двете страни да соработуваат.
Трамп предупреди на потенцијален втор бран американски напади ако нема таква соработка.
„Сите политички и воени личности во Венецуела треба да разберат дека тоа што му се случи на Мадуро може и ним да им се случи и ќе им се случи ако не бидат фер кон венецуелскиот народ“, рече тој.
Bloomberg
На краток рок - и освен ако не дојде до распаѓање на управувањето - потегот на администрацијата би можел да ѝ понуди можност да помогне во оживувањето на нафтена индустрија на Венецуела, која инаку пропаѓа, нешто на што Трамп се чинеше особено фокусиран кога го објави апсењето на Мадуро.
„Ќе ги натераме нашите многу големи американски нафтени компании, но и најголемите насекаде во светот, да влезат, да потрошат милијарди долари, да ја поправат лошо оштетената инфраструктура, нафтената инфраструктура и да почнат да заработуваат пари за земјата“, рече Трамп. На истата прес-конференција тој рече: „Ќе се погрижиме таа земја да се управува правилно“.
Повеќегодишното закрепнување на венецуелското производство на нафта би можело да предизвика пад од четири отсто на глобалните цени на нафтата со текот на времето, според анализата на „Блумберг економикс“. Тоа би му помогнало на американскиот претседател да се справи со загриженоста на гласачите за прифатливоста на цената, но енергетските аналитичари додадоа дека на нафтената индустрија на Венецуела - која е погодена од лошо управување, корупција и санкции - би можеле да ѝ бидат потребни повеќе години за да закрепне.
„И позитивните и негативните сценарија имаат значајни импликации за перспективите на Венецуела, пазарите на долгови, глобалното снабдување со нафта и позицијата на САД во регионот и светот“, напиша аналитичарката на „Блумберг економикс“, Химена Зунига.
По прес-конференцијата на Трамп, американски функционер изнесе некои приоритети за наредните денови, велејќи дека претставниците на администрацијата дипломатски ќе комуницираат со тие што остануваат во венецуелската влада, како и со раководителите на нафтените компании за зголемување на производството.
Функционерот рече дека американската војска ќе остане подготвена и дека ембаргото за нафта ќе остане на сила. Американските напади врз бродовите за кои постои сомнеж дека пренесуваат дрога ќе продолжат.
Сепак, неизвесноста околу тоа што навистина ќе се случи следно се надвисна над Каракас како што главниот град ја дочека првата ноќ без Мадуро по повеќе од една деценија, со многу од лојалните поддржувачи на неговиот режим кои сè уште се во земјата.
„Таа реалност и долгата историја на Родригез со Мадуро се причина зошто сум малку скептичен дека ова може долгорочно да функционира“, рече Рајан Берг, директор на Програмата за Америка и раководител на Иницијативата за иднината на Венецуела во Центарот за стратешки и меѓународни студии во Вашингтон.
Во текот на целиот вчерашен ден Венецуелците се редеа пред продавниците за храна и бензинските пумпи поради загриженост за иднината на нацијата.
„Поголема грижа би била сето ова да се распадне тука, да не се вложува труд за да се осигури дека ќе има успешно примопредавање“, рече Мет Терил, главен партнер во „Фајархаус стратеџис“ (Firehouse Strategies).
Ирак, Авганистан
Додека Трамп се обидуваше да проектира оптимизам, воениот маневар потсети на минатите напори на САД за промена на режимот што дадоа мешани резултати.
Под водство на претседателот Џорџ В. Буш, САД нападнаа две земји, Авганистан по нападите на 11 септември 2001 година и Ирак, за да го соборат Садам Хусеин, во 2003 година. И конфликтите и бунтовите што ги предизвикаа ги заглавија САД во крвави и скапи окупации со години. Фрустрацијата поради тие распоредувања и неуредното повлекување од Авганистан му помогнаа на Трамп двапати да дојде до претседателската функција.
Сега тоа е наследство што тој, а можеби и Рубио, потенцијален претседателски кандидат во 2028 година, ризикуваат да го преземат.
„Да го парафразирам Винстон Черчил, ова не е почеток на крајот, туку крај на почетокот“, напиша Берг во саботата. „Венецуела ќе влезе во долга транзиција со уште поголемо вклучување на САД во обликувањето на идната влада.“