Унгарија ќе биде јадрото од каде што пратките од кинеската онлајн продавница „Тему“ (Temu) ќе се испорачуваат до купувачите што направиле нарачки од Македонија.
Ова за „Блумберг Адрија“ го потврди Игор Гешовски, сопственикот на „Еко логистик сервис“ (ЕЛС), поштенската компанија што засега ќе биде единствена што нарачките од „Тему“ ќе ги испорачува до крајните купувачи во земјава. Покрај Македонија, ЕЛС е во преговори за испорака на пратките од „Тему“ во уште една земја од регионот.
Од ЕЛС веќе ни посочија дека првите пратки од „Тему“ во моментов се во Унгарија и во следните седум до десет дена треба да пристигнат во земјава.
Прочитај повеќе
На пат се првите пратки од „Tему“ кон Македонија, почнува „лудилото“
Пратките до крајните купувачи ќе ги испорачува поштенската компанија „Еко логистик сервис“ (ЕЛС).
11.11.2024
„Тему“ и „Шејн“ нѐ водат во ера на потрошувачка култура на Тикток
„Тему“ и „Шејн“ им се закануваат на локалните продавачи со своите ниски цени.
05.11.2024
Инаку, „Тему“ веќе ужива голема популарност на западните пазари, особено во САД и во Европа, поради ниските цени на производите, нејзините агресивни маркетинг-стратегии, вклучувајќи и значителни попусти, промоции и силно присуство на социјалните мрежи како Тикток.
Предноста на онлајн пазарот е тоа што можете да купите капа за пливање, телевизор, па дури и цедалка за садови на едно место. Една регистрација, една сметка (најава), едно плаќање, една количка, без здодевни кликнувања низ е-продавниците и пополнување формулари за регистрација или минување низ компликуван процес на пазарење.
Сепак, кај нас платформата допрва навлегува и ќе треба извесен период за македонските купувачи да ги уживаат истите поволности како во земјите во кои продавницата е присутна подолго време.
Инаку, засега за нарачка и доставување на производите до Македонија, купувачите треба да направат минимална порачка од 900 денари.
Зошто цените се толку ниски?
Сомнително ниските цени на производите што ги нуди „Тему“ изненадија многумина купувачи во Европа. Иако по странските е-продавници, како „Алиекспрес“ (Aliexpress), европските потрошувачи се навикнати на онлајн купување, што е поисплатливо, сепак „Тему“ оди уште пониско. Поволните цени на производите ги оправдува со тоа што директно одговара на побарувачката на пазарот и го нуди само она што го бараат самите клиенти(што наводно ги намалува трошоците за складирање и логистика).
Програмата за препораки на платформата, која ги поттикнува корисниците да покануваат пријатели во замена за бесплатни подароци или кредити во апликацијата, исто така одигра клучна улога во растот на „Тему“, кој со работа започна кон средината на 2022 година.
Меѓутоа токму поради ова, платформата наидува и на многу критики дека со честите специјални понуди и препораки на некој начин врши гејмификација (англ. gamification) на купувачкото искуство и ги поттикнува корисниците на постојано пазарење. Купувањето на „Тему“ често се споредува со ефектот на коцкање, а тоа не е случајно.
Дел од тактиката на компанијата е да ги натера луѓето да се чувствуваат како да немаат „што да изгубат“, исто како во случајот со играње игри на среќа, а нејзината главна цел е да ги привлече купувачите на страница на која потоа ќе ги „натера“ да пребаруваат и да пазарат.
И покрај обвинувањата од еколозите за поттикнување масовно купување производи со сомнителен квалитет, што е спротивно од идејата за одржливост, сепак се проценува дека „Тему“ и конкурентската платформа „Шејн“ (Shein) секојдневно во САД испраќаат меѓу 600.000 и милион пакети.
Во првата половина од годинава компанијата оствари продажба во вредност од 20 милијарди долари, а до крајот на годината се очекуваат вкупно 54 милијарди долари од продажба. Тоа е сè уште далеку од најголемите компании во индустријата, но јазот брзо се намалува.