И официјално, Илон Маск и милијардерот Вивек Равасвами влегуваат во американската извршна власт за да „ја урнат владината бирократија, да ги укинат непотребните прописи, да ги намалат непотребните трошоци и да ги реструктурираат федералните агенции“. Си поставија и многу амбициозен рок - 4 јули 2026 година - на одбележувањето на 250-годишнината од нацијата. За година и пол од седнувањето во фотелјите.
Македонија нема такво министерство, но обврска за домаќинско работење имаат сите владини институции. Низ овие повеќе од 30 години сите тие зборуваа и за регулаторни гилотини и за зголемување на ефикасноста. Но до денес Македонија не го најде својот Илон Маск, кој ќе се справи неповолната состојба во јавниот сектор. Во последниот извештај на Европската комисија (ЕК) пишува дека државата нема доволен капацитет за управување со јавните служби и човечките ресурси, дека степенот на одговорност на администрацијата е низок и дека таа лошо ги менаџира јавните финансии и услуги, како за граѓаните така и за бизнисот.
Не помалку важна тема во неделава што изминува беше криптото. Биткоинот секој ден поставуваше нови рекорди. Надмина 90.000 долари и веќе никој не се плаши да прогнозира дека многу брзо еден биткоин ќе се продава за 100.000 долари. Блажени се тие што „копаа“ кога требаше.
Прочитајте повеќе:
Наскоро пресврт во Македонија: Ќе имаме електронски пари и електронски паричник
„Тојота“ се обложува на водород – реална можност или куршум во празно?
Во земјава неделава најактуелно е дека „Тему“ стигна и во Македонија. Лудилото почна, првите пратки се на пат кон земјава, во Унгарија, и ќе пристигнат следната недела. Добрата вест е дека пратките ќе ги доставува поштенската компанија ЕЛС, затоа што државната пошта нема капацитет за такви активности, потврди и државната ревизија.
Анализиравме зошто „Тему“ е толку актуелно, но и зошто цените се толку ниски. Платформата наидува на многу критики дека со честите специјални понуди и препораки на некој начин врши гејмификација (англ. gamification) на купувачкото искуство и ги поттикнува корисниците на постојано пазарење.
Македонскиот е-купувач не е некој што постојано пазари. Најчесто прави нарачки до 50 евра и тоа не му е навика, туку го прави еднаш-двапати во три месеци, покажуваат податоците на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.
Ова не е ни толку чудно кога ќе се земат предвид следните статистички податоци: просечното домаќинство троши околу 40 отсто од расположливиот доход за да се прехрани. Околу 30 отсто од домаќинствата се под просекот. Тие за храна трошат и до 70 отсто од доходот. Затоа, Владата ќе помага – ќе продолжи да ги ограничува трговските маржи пред празници.
Во овој контекст е и веста дека „Лидл“ поинтензивно ќе се шири во земјава, ќе отвори маркети на две локации во Штип.
Прочитајте повеќе:
Фрчат мултимилионски подароци во акции од македонски компании
Од што се плашат најголемите компании од Македонската берза?
Го анализиравме пазарот на трудот. Иако стапката на невработеност е историски најниска, работници нема. И тука стапува на сцена хедхантингот. Агенти специјализирани за регрутирање соодветни кадри наоѓаат таленти на пазарот што вообичаено тешко се наоѓаат. И благодарение на нивните преговарачки вештини, можат да ве убедат и за трансфер иако такво нешто не сте планирале.
Прочитајте повеќе:
Јаглеродна давачка - нов удар за цената на струјата и извозните производи
Воздухот во Скопје убива и предизвикува огромна економска штета
Ве однесовме и на „прошетка“ со четбот. Од Стефан Андонов, истражувач во областа на AIOps (вештачка интелигенција за ИТ-операции) и инженер за податоци, побаравме да ни даде кратки и разбирливи објаснувања за повеќе термини од сферата на вештачката интелигенција со кои секојдневно се среќаваме, а некогаш немаме вистинска претстава за што конкретно станува збор.
За крај, неделава ја обележа заминувањето на српскиот бизнисмени Миодраг Костиќ, кој од работничко дете успеа да создаде бизнис-царство низ целиот регион.