Веќе нашироко и гласно одекна веста за именувањето нов заменик-генерален секретар на НАТО. Ни повеќе ни помалку - поранешната македонска министерка за одбрана Радмила Шекеринска. Таа е вистински посветена на НАТО, ја знае работата што е потребна за приклучување во Алијансата и што значи да се биде полноправна членка, напиша во објавата генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, кој ја презеде функцијата на 1 октомври. Се чини дека пред нив е турбулентен период со многу предизвици.
Имено, украинските сили, наводно, го извршиле својот прв напад врз пограничен регион во Русија користејќи ракети испорачани од Западoт, вклучувајќи американски проектили, а во меѓувреме рускиот претседател Путин потпиша декрет со кој ѝ се дозволува на Русија да истрела нуклеарно оружје како одговор на масовен напад на нејзина територија.
Добро утро, подолу се петте вести што се важни да ги знаете на почетокот од денот.
Македонски феномен: Најсиромашни, ама најголеми газди на станови
Македонските граѓани се меѓу најсиромашните во Европа ако се земе предвид дека БДП по жител според стандардот на куповната моќ лани изнесувал 41, односно не бил ниту половина од европскиот.
Сепак, најголем број македонски граѓани живеат во сопствени станови и куќи, што не може да се каже за населението во повеќето европски земји, каде што значителен процент живее под кирија.
Во нашата анализа ќе прочитате во какви станови живеат Македонците, како се опремени и која им е пазарната вредност.
Македонските инвестициски фондови уриваат рекорди
Октомври годинава ќе остане во убаво сеќавање меѓу друштвата што управуваат со инвестициските фондови во Македонија со оглед на тоа што успеаја да урнат неколку рекорди. Имено, на последниот ден од октомври нето-вредноста на отворените инвестициски фондови во Македонија изнесуваше 1,92 милијарда денари односно 312 милиони евра, што е зголемување за повеќе од 109 милиони евра во однос на истиот месец минатата година, кога нивната нето-вредност била 203 милиони евра, и претставува нов рекорден износ. Анализираме колкави биле приливите и одливите во фондовската индустрија.
Љубљанската и Загрепската берза се поврзуваат со уште пет берзи
Седум берзи од Централна Европа и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) вчера официјално ги потврдија напорите за зајакнување на развојот на регионалните пазари на капитал, објави Љубљанската берза. Претставници на берзите од Братислава, Будимпешта, Букурешт, Софија, Љубљана, Варшава и од Загреб деновиве потпишаа Меморандум за соработка заедно со ЕБОР.
Од Љубљанската банка велат дека целта на оваа интеграција е да се зајакнат регионалниот развој на пазарот на капитал и регионалната соработка, да се зголеми фондот на капитал во доцната фаза за раст и иновации, да се создадат дополнителни можности за финансирање за компаниите, да се изедначат и интегрираат прекуграничните деловни процеси за учесниците на пазарот и да се подобри учеството на инвеститорите за да се зголеми имотот на домаќинствата. Дали е ова шанса и за Македонската берза?
Седум нови производи што ќе ви помогнат да бидете во форма кога ќе биде ладно
Од апликации што нудат директен пристап до врвните тренери за голф, преку чизми наменети за закрепнување по вежбање, паметна направа за веслање во домашни услови, паметен часовник што им помага на нуркачите дури и на длабочина од 40 метри, па сè до статичен велосипед, кој претставува уметничко дело, и маса за пинг-понг, која нуди одлична забава како стимул за вежбање.
Овој пат ви претставуваме врвни решенија за вашите планови да преминете на вежбање во затворен простор за да ја одржите формата дури и кога надвор нема соодветни услови за физичка активност.
Дали фудбалските школи во регионот имаат шанси да создадат нов Меси?
Фудбалските школи организирани од најголемите клубови собираат најголем број учесници и на тој начин создаваат играчи за првиот тим уште од најрана возраст, а потоа кога детето ќе порасне во професионален играч, тие имаат можност да профитираат од неговото играње во матичниот клуб или од неговиот трансфер, односно продажба во друг клуб.
Од друга страна, постојат приватни фудбалски школи, или како што често се нарекуваат фудбалски академии, кои исто така остваруваат приходи од членарина, но тие имаат и дополнителни трошоци за изнајмување терени, спортски сали, плати на тренери, опрема итн., бидејќи во најголем број случаи немаат сопствена инфраструктура и трајно вработени тренери како во традиционалните клубови. Анализиравме каква е состојбата со фудбалските школи во регионот, дали тој бизнис е профитабилен и колку квалитетни фудбалери „произведуваат“.