БИЗНИС
„Енвидија“ ги разочара најоптимистичните инвеститори
Највредната компанија во светот, „Енвидија“ (Nvidia), се обиде да ги убеди инвеститорите дека нејзината нова линија на производи може да го одржи растот поддржан од вештачка интелигенција, иако забрзаното производство и испорака на чипови се покажаа како поскапи од очекуваното. Главниот извршен директор Џенсен Хуанг најави дека долгоочекуваните производи блеквел (Blackwell) ќе бидат испорачани во овој квартал поради „многу силната“ побарувачка. Сепак, трошоците за производство и инженеринг на чиповите ќе влијаат на профитните маржи во тековниот квартал, што ги разочара најоптимистичните инвеститори, и покрај растот на приходите од 94 проценти во третиот квартал.
КРИПТО
Биткоинот достигна нов рекорд
Највредната светска криптовалута, биткоин, достигна нов рекорд од повеќе од 97,6 илјади долари. Биткоинот се приближи до историската граница од 100 илјади долари по веста дека тимот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп размислува за создавање нова позиција во Белата куќа посветена на политиката за криптовалути.
ПОЛИТИКА
САД планираат да отпишат 4,65 милијарди долари украински долг
Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден планира да отпише 4,65 милијарди долари долг што Украина им го должи на САД. Белата куќа ќе откаже половина од заемот од девет милијарди долари што ѝ беше обезбеден на Украина како дел од дополнителниот пакет помош од 60 милијарди долари, одобрен во април. Овој потег е дел од напорите да се зајакне поддршката за Киев пред да ја преземе функцијата новоизбраниот претседател Доналд Трамп .
Да потсетиме, Бајден претходно ѝ дозволи на Украина да користи американски ракети со долг дострел за напади на цели во Русија и најави нов пакет безбедносна помош вреден 275 милиони долари.
БЕРЗИ
Европа
Фјучерсите на европските акции претежно се во зелено, додека трговците ги очекуваат податоците за довербата на потрошувачите во еврозоната. Да потсетиме, европските берзи вчерашното тргување го завршија во црвено, додека трговците ги разгледуваа растечките тензии во конфликтот меѓу Русија и Украина.
САД
Од другата страна на Атлантикот, фјучерсите на американските акции бележат мешани резултати откако извештаите на „Енвидија“ во третиот квартал не ги исполнија највисоките процени за идните приходи. Трговците исто така ги разгледуваат следните потези на Федералните резерви, откако претседателката на Федералните резерви на Бостон, Сузан Колинс, изјави дека е потребно дополнително намалување на каматните стапки, но дека креаторите на политиката мораат да постапуваат внимателно за да избегнат пребрзо или пребавно олеснување.
Азија
Акциите во азиско-пацифичкиот регион претежно бележат падови поради макроекономските грижи додека трговците ги разгледуваат резултатите на „Енвидија“. Акциите во континентална Кина се единствени што бележат раст, додека другите индекси бележат загуби. Регионалниот индекс MSCI забележа пад од повеќе од половина процент, при што меѓу губитниците се технолошките компании во регионот.
НАФТА
Цените на нафтата се стабилизираа додека пазарот го следи развојот на настаните во Украина и на Блискиот Исток, откако американските резерви на нафта пораснаа третата недела по ред.
Брентот се тргуваше близу 73 долари за барел, по загубата од 0,7 проценти во средата, додека ВТИ (West Texas Intermediate) беше близу 69 долари. Украинските сили ја зголемија употребата на западно оружје со долг дострел за напади на руски воени цели, додека САД тврдат дека преговорите за примирје меѓу Хезболах и Израел бележат прогрес.
Во САД резервите на нафта пораснаа за 545 илјади барели минатата недела, според податоците на владата. Тој раст беше значително помал од бројките прикажани во извештајот на индустријата во вторникот.