Скопје и вчера остана без градски превоз. Во последните две години ова не е првпат. Но претходно автобусите застануваа затоа што возачите штрајкуваа поради неисплатени плати. Сега автобусите останаа паркирани затоа што нема нафта за нив.
Низ главниот град, во кој според последниот попис живеат нешто помалку од половина милион луѓе, вчера возеа 25 автобуси наместо 400. Политичките партии и другите засегнати преку соопштенија си ја префрлаат одговорноста за колапсот. А најповиканото, Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), не се огласи во врска со состојбата. Единственото соопштение што го објави вчера е дека жичницата нема да работи затоа што дува силен ветар. На ветрот останаа граѓаните што бесцелно чекаа на постојките или одеа пеш.
Настан што ја обележи неделава во земјава е изборот на Радмила Шекеринска за заменик-генерален секретар на НАТО. Таа е прва жена од регионот што доаѓа на ваква висока позиција. И доаѓа на позицијата во тешко време. Украина за првпат ја нападна Русија со американски проектили, а Русија за првпат употреби интерконтинентални ракети за напад на Украина.
Прочитајте повеќе:
Кинескиот челик ја вала Европа, а виетнамскиот Македонија
„Уника“ го продава осигурителниот бизнис во Македонија, Албанија и Косово на Авни Понари
Неделава анализиравме дали Македонија треба да го следи светскиот тренд и да се сврти кон нуклеарната енергија. Експертите со кои се консултиравме имаат различни ставови. Професорот Дејан Трајковски од Техничкиот факултет во Битола вели дека само нуклеарната енергија претставува извор на базна енергија. Златко Черепналкоски од ЕДС се сомнева дека земја што не може да организира јавен превоз, може да си дозволи таков проект.
Пишувавме и за недвижностите во Македонија. Податоците потврдуваат дека иако Македонците се сиромашни, сепак се најголеми газди на станови. Станови се купуваат иако цените се на рекордно ниво, а такви и ќе останат затоа што се реални, велат продавачите на станови.
Објавен беше и податокот за продуктивноста заклучно со септември годинава. Таа се намалува. Во текот на годинава само во еден месец стапката била позитивна. Ова се случува во период на историски раст на платите, а и експертите и работодавците ни рекоа дека токму вештачкиот раст на платите е најголемиот убиец на продуктивноста. Законот за минимална плата го ограничува стимулирањето на продуктивните работници.
Прочитајте повеќе:
Каде да инвестирате 50.000 евра по победата на Трамп?
За 100 долари инвестирани во „Енвидија“, денес на сметка би имале 2.800
Анализиравме и кои се топ локации во регионот за вештачка интелигенција, а и натаму го следевме подемот на криптото.
Прочитајте повеќе:
Доларот на пат да стане „посилен за подолго“, а еврото?
Златната треска ќе потрае: И Македонците не можат да ѝ одолеат
И македонските инвестициски фондови уриваат рекорди годинава. Заклучно со октомври, нето-вредноста на отворените инвестициски фондови во Македонија е зголемена за повеќе од 109 милиони евра во однос на минатата година.