Премиерот Христијан Мицкоски вчера соопшти дека со дел од банките е договорена каматна стапка од 1,95 проценти за кредити за компаниите од унгарскиот заем. Се предвидува до три години грејс период и до 15 години рок на отплата во зависност од потребите на компаниите. Тој нагласи дека за да добијат кредит компаниите ќе треба да имаат минимум 20 отсто сопствено учество, а максималниот износ кој можат да го добијат е ограничен на 10 милиони евра.
Добро утро, ви пишува Владимир Николоски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Подолу петте вести што ги издвоивме за почеток на денот.
Македонските авто-фабрики во рикверц, величенствената Германија тоне
Кризата во автомобилскиот сектор во Европа се разгорува, со последните вести за најавените отпуштања во „Форд“ (Ford), како и ризикот на „Фолксваген“ (Volkswagen) од масовни штрајкови, исто така поради најавите на концернот за затворање на фабрики во Германија. Неодамна пишувавме за тоа дека оваа криза во големите европски производители на возила може да има големи последици врз македонската економија, односно врз фабриките што произведуваат делови и компоненти за нив.
Стравувањата за намалени нарачки почнаа да се остваруваат, и како што ни изјави Огнен Цубалевски, директор на фабриката на „ОДВ Електрик“ во Македонија, кај некои фабрики во земјава падот на нарачките е и 30 проценти. „Бидејќи ефектот на тоа што се случува во Европа доаѓа со мало задоцнување во локалните добавувачи на големите автомобилски производители, она што го кажав пред месец и половина, за жал почна да се остварува, и ние сме веќе соочени со намалени нарачки“, рече Цубалевски, којшто ја предводи фабриката на германскиот производител на кабли и други компоненти во земјава.
Колку ли се „штелувани“: Македонскиот возен парк надмина 550.000 автомобили
Рекордно зголемување има на бројот на регистрирани возила во Македонија чиј број заклучно со 2023 година достигнал 658.894, а од нив 552.934 биле патнички автомобили. Според податоците на Државниот завод за статистика лани бројот на патнички автомобили бележи драстичен пораст во однос на претходната 2022 година кога во земјава имало 483.482 регистрирани автомобили.
Математиката покажува дека за една година бројот на регистрирани автомобили во Македонија се зголемил за над 69.000, што е значителен раст во однос на просекот од изминативе години. Во Македонија секоја година се увезуваат повеќе употребувани отколку нови возила што го наметнува прашањето колку е стар возниот парк во земјава. Според официјалните податоци, од вкупниот број возила во земјава најмногу (околу 49.000) се произведени во 2007 година.
Владата на аукција на записи и обврзници ќе бара заем од 89 милиони евра
На аукција на државни записи и обврзници закажана за вторник (26.11), Владата ќе бара заем во вкупен износ од 5,5 милијарди денари (89 милиони евра). На аукцијата ќе бидат понудени едногодишни државни записи во износ од 2,5 милијарди денари (околу 40 милиони евра) со камата од 3,80 проценти, како и тригодишни државни обврзници во износ од три милијарди денари (околу 49 милиони евра) со купонска камата од 3,95 проценти.
Претходно овој месец, на аукција на државни записи и обврзници што се одржа на 12 ноември, Владата се задолжи за 9,1 милијарди денари (149 милиони евра). Тогаш, без издадени едногодишни државни записи во износ од 3,7 милијарди денари (60 милиони евра) со каматна стапка од 3,8 проценти, двегодишни државни обврзници во износ од 1,9 милијарди денари (32 милиони евра) со камата од 3,85 проценти, како и 15-годишни државни обврзници во износ од 3,5 милијарди денари (57 милиони евра) со купонска камата од 5,6 проценти.
Вилерој: ЕЦБ може да ги намали стапките независно од чекорите на Фед
Политиката на Европската централна банка ќе се развива без оглед на тоа што се случува во Федералните резерви, соопшти членот на Управниот совет Франсоа Вилерој де Галхау. „Одлуките што ги носиме во ЕЦБ со Кристин Лагард се независни од оние на Фед“, изјави францускиот централен банкар за весникот „Куест-Франс“ (Ouest-France). „Доказ е дека почнавме да ги намалуваме каматните стапки на почетокот на јуни, а Фед ги намали дури три месеци подоцна. Со падот на инфлацијата, ќе можеме да продолжиме да ги намалуваме стапките“.
Обновувањето на протекционизмот што се очекува по враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа во јануари „ќе значи поголема инфлација во САД и помал раст насекаде“, рече Вилерој. Тоа ги натера економистите да се сомневаат во идниот пат на олеснување на американската централна банка, која ги намали трошоците за позајмување за кумулативни 75 базични поени на своите последни два состаноци.
Производителите бараат повисоки цени за откуп на тутунот
Да се интензивира откупот на тутунот и со анекс во договорите да се зголеми откупната цена и просечно да изнесува околу 420 денари, побара Сојузот на тутунските здруженија на средбата со откупувачите во земјава. Според Кире Ристески, претседател на Сојузот, откупот од денеска ќе се интензивира, но откупувачите молчат на барањето за зголемување на цената.
„Од утре веќе 50 отсто од откупните пунктови во земјава ќе бидат отворени и ќе се интензивира откупот на тутунот. Засега, не се знае само кога Прилепскиот тутунски комбинат ќе го почне откупот. На средбата, на откупувачите им го поставивме барањето за зголемување на цената во просек да изнесува 420 денари, но откупувачите мудро молчат и не се изјаснуваат. Ние не се откажуваме од барањето со анекс на договорите да се зголеми цената, но како што стојат работите, тоа ќе ја отежни откупната кампања“, изјави Ристески.