На половина пат од претседателскиот мандат на Џо Бајден, се одржуваат т.н. среднорочни, односно парламентарни избори на кои се избираат 435 претставници за новиот состав на Претставничкиот дом на Конгресот и повеќе од 35 претставници во Сенатот, горниот дом на Конгресот. Засега, односот на силите во Сенатот е изедначен, но потпретседателката Камала Харис, која е од Демократската партија, има влијание во одлучувањето. Инаку, има вкупно 100 сенатори со мандат од шест години. Изборите, покрај неизвесноста за претставничките мандати, ќе донесат и промени во пониските нивоа на власта. Имено, се избираат и 36 гувернери што се на чело на сојузните држави.
Како што стојат работите, републиканците имаат солидна предност по бројот на мандати во Конгресот, додека ситуацијата во Сенатот и натаму е неизвесна, според прогнозите за изборниот исход на „Политико“ (Politico).
Демократите сепак не се откажуваат, а според претходно споменатото истражување моментално им оди подобро од лошиот рејтинг на претседателот Џо Бајден. Така, на пример, ако демократскиот сенатор Марк Кели успее да влијае на мислењето на гласачите во сојузната држава Аризона, кои не се наклонети кон политиката на претседателот Џо Бајден, тој ќе одлучи колку места ќе изгубат демократите во Конгресот и дали ќе задржат мала предност во Сенатот.
Освен пратеничките мандати, во голема опасност се и гувернерските мандати. Сојузните држави што досега беа сини, односно со демократско мнозинство, по изборите би можеле да доживеат пресврт и да станат црвени. Ова првенствено се однесува на државите Њујорк и Орегон.
Акции и избори
Според анализата на „Блумберг“, се очекува дека резултатите од изборите по 8 ноември ќе го потресат пазарoт на општинските обврзници вреден четири илјади милијарди долари, како политички најекспониран имот. Во прилог на тврдењето говори и фактот дека на чело на сојузните држави се избираат дури 36 гувернери, што доведува до заклучок дека најверојатно ќе издаваат помалку обврзници до почетокот на 2023 година, што и онака обично е потивко време на пазарот за задолжување.
„Задолжувањето малку се одложува. Нема да престане, но се пролонгира. Кога новата администрација ја презема функцијата, ѝ треба малку време да се навикне на функцијата и да се консолидира“, смета шефот на стратегијата за општински обврзници на „Ситигруп“ (Citigroup), Викрам Раи.
Според досегашното искуство, во сите сојузни држави каде што има новоизбран гувернер, вкупната продажба на обврзници во првите три месеци од мандатот на гувернерот паднала за 51 отсто во споредба со годишниот просек за тој период, според „Ситигруп“, но во случај кога некој политичар е реизбран, продажбата на обврзниците се намалува за 24 отсто.
Истражувањето на „Ситигруп“ покажува дека промената на гувернерите го зголемува долгот по жител, особено кога партиите ротираат. Како што наведуваат, практиката досега е таква во 79 проценти од случаите.
Според американскиот „Рефинитив липер фонд флоус“ (Refinitiv Lipper Fund Flows), инвеститорите повлекле околу 1,8 милијарда долари од заеднички обврзници на крајот од последната недела во октомври.
„Промените на политиките на сојузно или локално ниво можат подиректно да влијаат на приходот и приоритетите во трошењето, но промените во политиката обично бараат време за да се спроведат, што на издавачите на обврзници им дава простор да ги приспособат своите буџети“, се вели во извештајот на „С&П глобал рејтингс“ (S&P Global Ratings).
Исход од изборите
Економската атмосфера на овие избори е уште попредизвикувачка за Американците, бидејќи инфлацијата е на ниво од 8,2 отсто, додека невработеноста е мала. Сепак, што точно значи ова за гласачите и дали економијата на САД е во добра или лоша состојба?
Некои од гласачите виновниците ги гледаат пред сè во гувернерите, поради наглиот скок на цените на основните прехранбени производи, бидејќи, како што велат, дозволиле економијата целосно да пропадне поради даночните оптоварувања на малите и средните претприемачи, како и несоодветните мерки за време на пандемијата на ковид-19.
Во анкетата, една Американка наведува дека скромниот ручек во ресторан за четиричлено семејство станал луксуз, а за многумина само недостижен сон.
Во други околности, исходот од овие избори ќе можеше лесно да се предвиди поради високата инфлација и поскапувањето на енергентите, но овој пат тоа не е така. Останува да видиме кој ќе слави по изборната ноќ, а каков и да биде исходот, тој сигурно ќе има одгласи во Европа, но и во светот.