Британскиот премиер Борис Џонсон побара поголема воена поддршка за Украина во борбата против руските сили, вклучително и испраќање на напредно оружје како што се ракетни системи за повеќекратно лансирање што може да напаѓаат цели од многу поголема далечина.
Британскиот премиер ја изрази својата поддршка за повеќе оружје за Украина, а се спротивстави на идејата дека, со оглед на тоа што војната веќе е во четвртиот месец, претседателот Володимир Зеленски треба да се фокусира на постигнување мировен договор со Русија со кој Украина би можела да отстапи територии.
„Како можеш да се договараш со крокодил кога кога тој веќе ти ја јаде левата нога?“, рече Џонсон во интервју за телевизијата „Блумберг“, запрашан за изгледите за преговори со рускиот претседател Владимир Путин. „Тој човек не е за верување“, додаде британскиот премиер.
Прочитај повеќе
Путин ќе го олесни извозот на жито ако се укинат санкциите кон Русија
Рускиот претседател имал телефонски разговор со италијанскиот премиер, Марио Драги
27.05.2022
Украина бара од државите да ѝ дадат системи за повеќекратно лансирање додека се бори со напредокот на руските трупи во источниот регион Донбас. Тоа барање се остварува со одредена претпазливост во однос на тоа дали ќе ги доближи сојузничките нации до директна конфронтација со Русија. Иако системите за повеќекратно лансирање би биле поефективни против руската артилерија, нивното распоредување би го зголемило ризикот проектилите да прелетаат преку границата во Русија, без разлика дали намерно или случајно.
„Ваквите системи ќе им овозможат да се одбранат од оваа многу брутална руска артилерија и тоа е патот по кој треба да тргне светот“, рече Џонсон. Според него, силите на Путин продолжуваат да гризат по земјата во регионот на Донбас, правејќи бавен, но како што кажа, опиплив напредок.
Украинските власти во последните денови изразија загриженост дека додека трае војната ќе бидат принудени да преговараат за прекин на огнот со Русија, со согласување за отстапување на територии на исток. Зеленски е меѓу оние кои инсистираат на тоа дека Украина нема да отстапи ниту една територија за да ги запре борбите.