Додека Хрватска се приближува кон воведување на еврото на 1. јануари, политичките расправии во друга членка на Европската унија го комплицираат нејзиниот пат.
Бугарската влада оваа недела го одобри планот за транзиција кон еврото во 2024 година, при што премиерот Кирил Петков тврди дека тоа ќе и помогне на најсиромашната членка на ЕУ да привлече инвестиции, да ја зајакне економијата и да го подобри животниот стандард.
Но, двајца помлади членови на неговата владејачка коалиција, социјалистите и новата партија „Има таков народ“, ветија дека ќе стават клуч во процесот. Тие побараа парламентарно гласање на анализата за загубите и придобивките од Министерството за финансии и Централната банка, што може да го загрози планот за замена на националната валута со евро.
„'Има таков народ' ќе се обиде да го одложи спроведувањето на Националниот план за усвојување на еврото“, се вели во партиско соопштение објавено неделава.
Извршната комисија на ЕУ посочува дека Бугарија работи на подобрување на своето деловно опкружување и финансиска стабилност, но исто така има и остри критики.
„Избраните показатели поврзани со деловното опкружување покажуваат дека Бугарија има полоши резултати од многу земји-членки на еврозоната“, напиша Комисијата. „Предизвиците се однесуваат и на институционалната рамка вклучувајќи ја корупцијата и ефикасноста на владата“.
Според бугарскиот министер за финансии, Асен Василев, администрацијата продолжува со планот одобрен од кабинетот, кој вклучува подготовка на банките и трговците на мало за промена и правење промени во банкарската регулатива.
За анализата на загубите и придобивките што ја бараат од „Има таков народ“ и социјалистите, предвидено е пратениците да разговараат во текот на следната недела.
„Се надевам на јасна заложба, од страна на банките и од страна на парламентот, за да нема одложување на процесите на усвојување на еврото“, изјави Василев.
Според гувернерот на централната банка, Димитар Радев, кој беше принуден да остане на својата позиција речиси една година по истекот на неговиот мандат бидејќи владејачките партии не можат да се договорат за замена, дали Бугарија може да ја следи Хрватска во воведувањето на еврото, зависи од политичарите.
„Разликата е во тоа што Хрватска демонстрира многу јасен и силен политички ангажман во процесот“, им порача Радев на пратениците.