Кога суперјахтата „Амадеа“ вредна 325 милиони долари, поврзана со рускиот милијардер Сулејман Керимов, заплови на Фиџи во април, капетанот можеби заклучил дека нашол безбедно засолниште од санкциите.
Опуштената островска држава во јужниот дел на Пацификот не се приклучи на глобалниот обид за воведување санкции против Русија и многу богати поддржувачи на претседателот Владимир Путин, а пред само неколку недели се воздржа од резолуцијата на ОН за поддршка на територијалниот интегритет на Украина.
Сепак, една недела по пристигнувањето на „Амадеа“, властите на Фиџи ја задржаа луксузната јахта на барање на американската влада, која тврди дека Керимов, кој беше санкциониран за неговите врски со Путин, е вистинскиот сопственик на бродот. САД на крајот добија низа правни спорови и го запленија пловилото, пренасочувајќи го во Хонолулу минатата недела.
Овој случај покажува како на руските тајкуни им снемува простор каде да ги сместат своите пловечки палати, четири месеци откако Русија ја нападна Украина. САД и Европа ги бараат нивните суперјахти, вили и други средства поради врските со Путин. САД, земјите од ЕУ и сојузниците, како што е Фиџи, веќе запленија над десетина бродови во вредност од над 2,25 милијарди долари.
САД формираа работна група наречена „Клепто кепчр“ (KleptoCapture) за потрага по имотот на руските олигарси. Единицата, заедно со Федералното истражно биро (ФБИ) и крајбрежната стража, испратија агенти на Фиџи да ја гонат „Амадеа“. Во Европа, Германија, Италија, Шпанија и други земји запленија ултра луксузни бродови, вклучувајќи го и најголемото запленување досега, јахтата „Дилбар“ од рускиот милијардер Алишер Усманов, проценета на дури 750 милиони долари.
Откако „Амадеа“ беше запленета за првпат, заменичката на јавниот обвинител на САД, Лиза О. Монако, упати предупредување до руските тајкуни, велејќи дека Министерството за правда ја мерка секоја јахта купена со валкани пари.
„Оваа заплена треба да му покаже на секој корумпиран руски олигарх дека не може да се скрие - дури и во најоддалечениот дел од светот“, посочи таа.
Плашејќи се од запленување на нивните јахти, сопствениците ги испратија на голем број локации кои сè уште се сметаат за пријателски, дозволувајќи им на бродовите да се закотвуваат, вклучително и Дубаи во Обединетите Арапски Емирати, Турција и Малдивите, наведува „Спајр Глобал“ (Spire Global Inc.), компанија за податоци и анализа која користи сателитска технологија за следење на поморските активности.
Сепак, може да биде предизвик да се предвиди како земјите би реагирале на руска мегајахта во нивните води, како што е случајот „Амадео“, или како владите би можеле да го променат својот пристап кон санкциите преку политички притисок или промена на администрацијата.
„Како што војната во Украина се одолговлекува, може да се ангажираат повеќе таканаречени неутрални земји кои не воведоа санкции за да помогнат во заплените“, вели Елизабет Менденхол, доцент по поморски работи и политички науки на Универзитетот во Род Ајленд.
„Поморското право не е клучен фактор за заплените. Тука повеќе се работи за односите меѓу САД или Обединетото Кралство и земјата од која сакаат помош. Тие можат да користат морков и стап поврзани со други прашања за да ги натераат државите да соработуваат“, објаснува таа.