Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ја откажа планираната посета на нуклеарниот проект од историско значење, која беше закажана за денеска, откако му се слоши за време на ТВ-интервју претходно оваа недела.
Ердоган, кому му претстојат избори на 14 мај, требаше да присуствува на церемонијата за полнење со гориво на нуклеарната централа „Акују“, вредна 20 милијарди долари, која Русија ја гради на брегот на Средоземно Море во Турција.
Наместо тоа, беше најавено дека ќе присуствува на церемонијата преку видеоповик од неговата палата во Анкара, главниот град на Турција. Преку видеоповик ќе присуствува и рускиот претседател Владимир Путин.
Ердоган, кој се соочува со најтешките избори откако ја презеде власта во 2003 година, остана надвор од очите на јавноста по телевизиското интервју во вторникот вечер, за време на кое одеднаш се разболе од, како што опиша, стомачен проблем.
Кампањата пред изборите е во тек, на нив Ердоган ќе се соочи со сојуз од шест опозициски партии што ќе ги здружат силите за да го соборат од власт.
Се очекуваше тој да ја искористи посетата на нуклеарната централа за да ја зајакне поддршката меѓу гласачите што го поддржуваат неговиот имиџ на силен турски лидер и блиските врски со владетелот на Кремљ. Сепак, тој се откажа од плановите да го посети градот Мерсин по совет на лекарите, вели функционер што побара да остане анонимен.
Ердоган се потпираше на своите блиски односи со Путин кога бараше попусти и одложувања на плаќањата за увоз на енергенти од Русија за да го намали притисокот врз лирата, бидејќи кризата со инфлацијата во земјата ги загрозува неговите шанси за продолжување на 20-годишното владеење.
Русија е клучен снабдувач со енергија на Турција. Таа обезбеди четвртина од увозот на сурова нафта на Турција и околу 40 отсто од увозот на природен гас минатата година, што ѝ создава на Москва огромен суфицит во билатералната трговија.