Европската унија (ЕУ) одобри продолжување на замрзнувањето на руските средства на својата територија, користејќи вонредни овластувања, што претставува клучен чекор кон користење на тие средства за помош на Украина.
Владите на земјите членки на ЕУ во петокот дадоа согласност за предлогот на Европската комисија (ЕК), смислен со цел да се спречи евентуално вето за продолжување на мерката, кое досега претставуваше пречка во обидите на ЕУ да обезбеди кредит од 90 милијарди евра за Украина, користејќи ги блокираните средства на руската централна банка.
Сите 27 членки на ЕУ мораат да го обновуваат замрзнувањето на средствата на секои шест месеци, што предизвика загриженост дека одделни земји, како Унгарија, би можеле да стават вето и со тоа ненадејно да ѝ овозможат на Москва пристап до средствата. Новата мерка би го продолжила шестмесечниот циклус и би барала само квалификувано мнозинство од државите за поддршка на продолжувањето. Со тоа практично би се обезбедило дури 210 милијарди евра руски средства да останат на територијата на ЕУ.
Предлогот беше поддржан од 25 од 27 земји членки на ЕУ, додека Унгарија и Словачка беа против.
Белгија го поддржа планот, но ја повика Европската комисија да разгледа алтернативни опции – предлог што го поддржаа и Малта, Бугарија и Италија, третата по големина економија во блокот. Во заедничката декларација овие четири земји наведоа и дека одлуката за користење на замрзнатите средства треба да ја разгледаат лидерите на ЕУ.
Лидерите на ЕУ настојуваат да го потврдат кредитот кога ќе се состанат во Брисел на 18 декември.
Според договорот постигнат во петокот, Комисијата на секои 12 месеци би ја ревидирала состојбата, а средствата би останале блокирани на територијата на ЕУ сè додека не се утврди дека повеќе не постојат исклучителни околности што ја оправдуваат оваа мерка, наведуваат извори запознаени со ситуацијата.
Унгарија оцени дека укинувањето на барањето за едногласност е „несреќен преседан, кој претставува симболично и суштинско поместување од правно уредениот поредок на ЕУ заснован на договори, кон неистражена територија“.
Продолжувањето на замрзнувањето на руските средства има цел да одговори на клучната загриженост на Белгија, која досега го кочеше планот за заем заснован на руски средства. Белгија, во која се наоѓаат најголемиот дел од руските средства во рамките на финансиската институција „Еуроклир“ (Euroclear), предупреди дека би можела да сноси обврска за враќање на кредитот доколку средствата ненадејно бидат одмрзнати, па од ЕУ и земјите членки побара гаранции за ублажување на тој ризик.
Преговарачите на ЕУ прашањето за продолжување на замрзнувањето го издвоија од пошироката цел за користење на средствата за финансирање заеми за Украина, бидејќи тој дел од преговорите сè уште не е завршен. Извори од ЕУ наведуваат дека пратениците на Унијата ќе се состанат за време на викендот во обид да постигнат нспредок, имајќи предвид дека на Украина итно ѝ се потребни средства до април.
Централната банка на Русија во петокот соопшти дека поднела тужба против „Еуроклир“ во Москва и ѝ се закани на ЕУ со глобална кампања на одмазда доколку блокот ги искористи замрзнатите средства.