Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе отпатува во Хирошима, Јапонија, за лично да им се приклучи на лидерите на Групата седум (Г7), според луѓе запознаени со распоредот.
Зеленски ќе лета со американски воен авион за Јапонија, по очекуваното застанување во Саудиска Арабија, за да присуствува на самитот на Арапската лига, посочуваат изворите, кои побарале да останат анонимни бидејќи станува збор за доверливи информации.
Портпаролот на Советот за национална безбедност на САД одби да коментира.
Јапонските власти претходно посочија дека Зеленски виртуелно ќе им се придружи на другите, иако додадоа дополнителна сесија за Украина в недела, за да се усогласат со распоредот на украинскиот лидер. Портпаролот на јапонското министерство за надворешни работи одби да даде повеќе детали.
Посетата на Хирошима, место на првиот нуклеарен напад пред 78 години, е особено симболична, со оглед на периодичните закани на рускиот претседател Владимир Путин за употреба на атомско оружје во Украина.
Лидерите на Г7 ќе разговараат за понатамошниот одговор на руската инвазија на Украина за време на состаноците што започнаа во петокот. „Блумберг“ објави дека државите ќе се согласат да соработуваат за да ги следат руските дијаманти, но нема да ѝ упатат шлаканица на Москва со целосна забрана за профитабилната трговија со скапоцени камења.
Пакетите од санкции го намалија растот, но не успеаја да го одвратат воениот напад на Путин врз Украина, а руската економија беше поткрепена со извозот на стоки и енергија во земјите надвор од Г7.
Во текот на изминатата недела Зеленски ги обиколи европските метрополи за да побара испораки на повеќе оружје. Неговото патување во Берлин се совпадна со тоа што Германија го објави својот најголем пакет за помош досега, а премиерот на Британија, Риши Сунак, вети поддршка за коалицијата што ќе ѝ помогне на Украина со борбени авиони од западно производство, иако не беа поставени конкретни планови.
Сè уште не е јасно дали американскиот претседател Џо Бајден ќе потпише и испраќање американски авиони. Иако Украина бара понапредни борбени авиони уште од првите денови на руската инвазија минатата година, западните влади се спротивставија на барањата поради загриженоста за ризикот од ескалација на тензиите со Москва.