Почина Силвио Берлускони - медиумскиот магнат чие владеење како премиер на Италија во повоениот период беше најдолго и беше придружено со сексуални скандали и обвинувања за корупција, објави „Кориере дела сера“ (Corriere della Sera). Имаше 86 години.
Берлускони беше лидер на политичката партија Форца Италија. Во изминатите четири денови беше хоспитализиран во Милано поради леукемија. Тој имал историја на срцеви заболувања, вклучително и неисправен срцев залисток што хирурзите го замениле во 2016 година, а бил хоспитализиран поради инфекција на белите дробови во 2020 година откако се заразил со Ковид-19.
Тој беше на чело на партијата што беше официјално основана во јануари 1994 година, за првпат да учествува на општите избори во март истата година.
Берлускони беше премиер кратко време - седум месеци во 1994 година, пред повторно да биде назначен на истата позиција во 2001 година.
Втората влада на Берлускони е најдолгата во историјата на Италијанската Република. Но, на 20 април 2005 година тој понуди оставка на својата влада по поразот на регионалните избори и внатрешните проблеми во коалицијата. Потоа, на 23 април 2005 година, формираше нова влада без поголеми промени во нејзиниот состав.
На 12 ноември 2011 година Берлускони поднесе оставка до италијанскиот претседател Џорџо Наполитано, по губењето на парламентарното мнозинство и големата економска криза што ја зафати земјата.
Берлускони беше и сопственик и основач на медиумските компании кои многумина ги нарекуваат „италијанска медиумска империја“. Според магазинот Форбс, Силвио Берлускони бил најбогатиот човек во Италија со имот вреден 12 милијарди долари во 2005 година, а бил и 25-ти најбогат човек во светот.
Тој исто така беше претседател на фудбалскиот клуб Милан помеѓу 1986 и 2004 година.
Берлускони ќе биде погребан со државни почести во катедралата во Милано в среда, соопштија црковните власти во Милано, цитирани од италијанската новинска агенција АНСА.
На погребот се очекува да присуствува и италијанскиот претседател Серџо Матарела.
Според изворите, посмртните останки на Берлускони денеска ќе бидат префрлени во неговата приватна резиденција – вилата Сан Мартино, во близина на градот Аркоре, недалеку од Милано. Утре ќе бидат положени во седиштето на медиумската империја на Берлускони Медиасет во Колоно Монзесе.