Од вчера земјава е во портокалова фаза. Топлотниот бран ќе трае до недела, а од денеска ќе ја добие вистинската сила. Во некои делови од земјава температурите ќе се движат и до 43 степени. Прв сектор кој страда од ваквите бранови е земјоделството. Земјоделците велат приносите ќе бидат помали годинава.
Добро утро, еве кои се другите пет вести кои треба да ги знаете на почетокот на овој жежок јулски ден.
Граѓаните купија обврзници во вредност од 23,5 милиони евра
Граѓаните вчера запишаа обврзници во вредност од над 23,5 милиони евра. Министерството за финансии оцени дека процесот на издавање на првата емисија на граѓанската обврзница успешно заврши и бил запишан износ двојно поголем од она што беше објавено со Проспектот за граѓанската обврзница во износ од 600 милиони денари.
„Интересот беше голем за овој нов иновативен производ на финансисксиот пазар. Граѓаните го препознаа својот интерес и ја искористија можноста да инвестираат во производ кој за нив е безризичен, сигурен и носи атрактивен принос, штитејќи ја вредноста на нивните пари во момент на висока инфлација“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.
Штрајк на судската администрација од 01 септември
Со транспаренти со натписи „Европски плати за нас и за вас“, Независниот синдикат на државната администрација (НСДА) и Независен синдикат на судска служба, кој функционира во негов состав, вчера излезе на протест пред Основниот кривичен суд во Скопје за да го изразат незадоволството поради ниските плати и недобивање додатоци на плата.
Јасмина Величкова, претседателка на Независен синдикат на судска администрација изјави дека повторно се собрале на протест во знак на револт кон вчерашната одлука на министерот за финансии да не ја потпише одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци која беше донесена со одлука на 15 проценти и незадоволство од Министерството за финансии за нивните барања за покачување на плата од 30 проценти. Доколку не бидат земени во предвид нивните барање, таа од 1 септември најави одржување на генерален штрајк со блокирање на улици и неиздавање на уверенија за неосудуваност и други документи.
Африкански топлотен бран над Македонија
Maкедонија е во портокалова фаза. Управата за хидрометереолошки работи (УХМР) за денеска прогнозира температури над 40 степени во јужниот дел на земјата, а во останатите делови над 35 степени. Ова е прв топлотен бран ова лето. Од 1987 година наваму, секоја година има барем по еден ваков бран, а до тогаш ваквите појави биле периодични.
Анализираме колку Македонија како земјоделска земја е зависна од климатските промени. Според експертите од „Иницијативата за пченица“ (Wheat Initiative), приносите од пченица би можеле да се намалат за седум отсто со секој повисок степен целзиусов од глобалното затоплување. Натаму, проблем е недостигот на вода во регионите кои треба да се наводнуваат, а проблемот доплнително ќе се зголемува заради намаленото ниво на подземни води и поретките врнежи.
Инфлацијата во САД падна на три отсто
Стапката на инфлација во САД падна на најниско ниво (три отсто) по повеќе од две години, што е голем чекор кон ставање крај на вонредната состојба кај трошоците на животот - а можеби и на историското монетарно затегнување од страна Федералните резерви.
Но, ова не значи дека играта е завршена во борбата против ценовните притисоци - особено за Банката на федералните резерви, за која се смета дека е ќе оди кон уште едно зголемување на каматните стапки подоцна овој месец. Сепак, никогаш не биле поголеми очекувањата дека покачувањето на 26 јули, кое би ја однело референтната стапка во САД на 5,5 проценти ќе биде последно.
Маск го претстави својот адут во сферата на вештачката интелигенција
Илон Маск, кој со месеци навестуваше дека сака да создаде алтернатива на популарниот четбот за вештачка интелигенција ЧетГПТ (ChatGPT), го најави формирањето на, како што тој ја нарекува „Екс еј-ај“ (xAI), компанија со мисија да ја „разбере вистинската природа на универзумот“.
На веб-страницата претставена во средата, „Екс еј-ај“ посочува дека нејзиниот тим ќе биде предводен од Маск и со персонал од директори кои работеле во широк спектар на компании, во првите редови за развој на вештачка интелигенција, вклучувајќи ги „Гугл Дипмајнд“ (Google DeepMind), „Мајкрософт“ (Microsoft Corp.) и „Тесла“ (Tesla Inc.), како и академски институции како што е Универзитетот во Торонто.