Хамас најави дека на некои странци и повредени Палестинци ќе им биде дозволено да ја напуштат Газа и да заминат во Египет за прв пат откако Израел ја започна својата копнена инвазија на опколената територија.
Во меѓувреме, САД го испраќаат својот прв дипломат назад на Блискиот Исток на уште една рунда шатл-дипломатија додека борбите во Газа се интензивираат и Израел го повторува своето ветување дека ќе го уништи Хамас.
Државниот секретар Антони Блинкен во петок заминува за Израел и други земји. Тој ќе се обиде да ги намали тензиите откако беа пријавени десетици луѓе убиени во бегалски камп во Газа во израелски напад, што предизвика дополнителен гнев во регионот. Израелската војска соопшти дека бегалскиот камп се користел како центар за обука на Хамас, кој САД го прогласија за терористичка група.
Нема Американци за списокот со лица на кои ќе им биде дозволен излез од Газа
Околу 81 ранет Палестинец се очекува да патуваат преку граничниот премин Рафах на лекување во египетските болници, соопштија претставници на Министерството за внатрешни работи во Газа, управувана од Хамас.
Тие, исто така, рекоа дека на некои странци и двојни државјани се очекува да им биде дозволен влез во Египет. Тие објавија список на луѓе кои би можеле да заминат. Во него беа вклучени вработени во Меѓународниот комитет на Црвениот крст и граѓани на Австралија, Австрија, Јордан и Индонезија. На списокот немаше државјани на САД.
Прекинати интернет и мобилните врски во Газа
Интернетот и мобилните услуги во Појасот Газа се прекинати поради копнените операции на Израел во областа, соопшти „Палтел“, главниот телекомуникациски провајдер на палестинската територија. Повиците кон мобилните броеви преку другиот мобилен оператор во Газа, „Оредо“, не се реализираа од средата наутро. Ова е најмалку втор пат во изминатата недела телекомуникациските услуги во Газа да бидат прекинати.
Бајден ќе стави вето на законот за зголемување на помошта за Израел
Белата куќа објави дека претседателот Џо Бајден ќе стави вето на нацрт-законот предложен од републиканците со кој се предвидува намалување на финансирањето на Управата за даноци, а со цел зголемување на помошта за Израел.
Канцеларијата за управување и буџет соопшти дека мерката „не е соодветна на итноста на моментот, ги продлабочува нашите поделби и сериозно ја поткопува историската двопартиска поддршка за безбедноста на Израел“. Сенаторите и претставниците на администрацијата на Бајден, исто така, предупредија дека играта на републиканците да ја туркаат помошта за Израел и да ја прекинат помошта за Украина се заканува да го блокира итно потребното финансирање за двата американски сојузници.