Доналд Трамп и милијардерот Илон Маск се состанале во неделата, додека републиканскиот претседателски фаворит се обидува да привлече донатори за да ја финансира својата политичка операција, според луѓе запознаени со ова прашање.
„Њујорк тајмс“ (The New York Times) претходно објави за состанокот. Маск бил дел од групата потенцијални донатори што се сретнале со поранешниот претседател, објави весникот, додавајќи дека не е јасно дали главниот извршен директор на „Тесла“ (Tesla Inc.) одлучил да придонесе во кампањата на Трамп.
Маск не одговори веднаш на барањето за коментар.
Тој е третиот најбогат човек во светот, но не бил голем политички донатор, особено ако се земе предвид големината на неговото богатство, проценето на 192 милијарди долари, според индексот на милијардери на „Блумберг“. Маск донирал помалку од милион долари од 2009 година, покажуваат податоците на Федералната изборна комисија.
Доколку Маск го промени својот пристап и одлучи финансиски да го поддржи Трамп, тоа би можело да обезбеди значителен поттик за кампањата на поранешниот претседател.
Трезорот на кампањата на Трамп е многу помал од оној на Бајден, ставајќи го поранешниот претседател во неповолна положба пред веројатниот реванш на изборите во ноември. Трамп досега се мачеше да привлече големи донатори во неговата кандидатура за 2024 година, при што многу од нив седеа настрана или ја поддржаа Ники Хејли.
Тој го започна февруари со 30,4 милиони долари на рака, во споредба со 130 милиони долари на претседателот, според федералните документи.
Операцијата за собирање средства на Трамп покажа знаци на слабост: неговата кампања потроши повеќе отколку што собра во јануари, а сојузничките политички акциски комисии досега потрошија повеќе од 50 милиони долари за неговите правни такси и се на пат да останат без пари за финансирање на неговите адвокати кон средината на годината.
Незадоволство од Бајден
Маск во минатото ги поддржуваше и републиканците и демократите, а „Тесла“ и „Спејс екс“ (Space Exploration Technologies Corp.) се потпираа на федерални субвенции и договори. Но тој беше длабоко критичен кон Бајден во текот на неговото претседателствување.
Реториката на милијардерот за имиграцијата станува сè повоинствена и слична по тонот на онаа на Трамп. Маск во вторникот рече дека граничната политика на Бајден е „предавство“, обвинувајќи ја администрацијата за „воведување огромен број илегалци“ со цел тие незаконски да гласаат за демократите на изборите. Засега нема докази за тврдењата за широко распространета гласачка измама.
Коментарите потсетуваат на теориите на заговор промовирани од страна на белите врховисти дека има заговор да се обезвластат белите Американци.
Маск исто така ги обвини Бајден и неговата администрација дека се негативно настроени кон „Тесла“, наведувајќи го настанот за електрични возила во 2021 година во Белата куќа, кој ја исклучи неговата компанија. Тој во ноември рече дека гласал за Бајден во 2020 година, но не може да се види себеси како повторно го прави тоа оваа есен.
Технолошкиот магнат во септември учествувал на состаноците за вештачката интелигенција во Белата куќа, според записниците за посетители, но тој не седнал на маса со Бајден.
Маск во минатото го критикуваше и Трамп. Тој поднесе оставка од две советодавни тела на Белата куќа во 2017 година поради одлуката на тогашниот претседател да ги повлече САД од Парискиот климатски договор.
„Климатските промени се реални“, напиша Маск тогаш на Твитер.