Од Државната изборна комисија (ДИК) на првата прес-конференција во однос на првиот круг од претседателските избори во земјава информираа дека одзивот до 9 часот е 3,85 отсто.
„Се гласа во 80 општини. До 9 часот во ДИК се пристигнати податоци за одзив на гласачите од 832 избирачки места, каде што право на глас имаат 402.748 граѓани. Од нив, гласале 15.487 лица, што значи дека одзивот е 3,85 отсто“, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски.
Прочитајте повеќе: Седми претседателски избори во Македонија
„Засега изборите се одвиваат мирно и без неправилности“, додаде тој.
До ДИК досега пристигнале 12 приговори за заштита на гласачкото право, односно од граѓани што не се најдени во избирачкиот список и кои во моментот се предмет на разгледување на комисијата.
Пријавени се и помали технички проблеми, кои се решаваат тековно.
Претседателските избори, според ДИК, ги следат вкупно 1.601 набљудувач, од кои 915 домашни и 544 меѓународни набљудувачи, како и 84 преведувачи и 58 странски новинари.
Наредната прес-конференција на ДИК е закажана за 13.30 часот, кога се очекуваат податоци за одзивот од сите гласачки места.
Во канцеларијата на народниот правобранител, денеска од 7 до 19 часот, може да се пријави каква било повреда на избирачкото право на бесплатната телефонска линија 0800 54321. Во функција е и линијата за видеоповик 076 488 360, преку која граѓаните со оштетен слух и говор може да постават прашање или да пријават неправилности.