Новоизбраниот претседател на Владата, Христијан Мицкоски, ја презеде премиерската функција од досегашниот претседател на техничката влада, Талат Џафери.
На примопредавањето во Владата, Мицкоски и Џафери имаа кратка средба, без изјава за медиумите.
Досегашниот премиер Џафери, како што информираат од владината прес-служба, му го честитал стапувањето на премиерската должност на новоизбраниот премиер Мицкоски, при што му посакал успешна и ефикасна работа, во интерес на сите граѓани на државата.
Прочитајте повеќе: Избрана новата Влада чиј претседател е Христијан Мицкоски
„Констатирано беше дека преодната влада и државните институции успешно одговорија на должноста за организирање слободни, фер и демократски изборни процеси и овозможија мирно и демократско примопредавање на власта. Ова се оцени како придонес во европското поведение на државата, која цели кон полноправно членство во Европската Унија. Досегашниот премиер Џафери посочи дека на државата, како и досега, и натаму ѝ се потребни квалитетни реформи, со цел унапредување на квалитетот на живот на граѓаните според европските демократски стандарди и вредности. Изразена е и надеж за високо ниво на политичка свест и соработка околу стратегиските приоритети“, се наведува во соопштението.
Мицкоски денеска попладне, како што е најавено, ќе биде во работна посета на општината Штип.
Собранието, по дводневна расправа, синоќа со 77 гласа „за“ и 22 гласа „против“ ја избра новата влада. Во владиниот кабинет ќе има 20 министерства, четири повеќе од досега. Петнаесет члена се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата ВЛЕН и двајца од ЗНАМ.
Мицкоски е 13-от премиер, кој ќе ја предводи 20. влада од осамостојувањето на државата.