Конфликтот на Блискиот Исток повторно ги заживува инфлаторните закани и ја забавува глобалната економија токму во моментот кога таа на почетокот на годината почна да покажува знаци на зајакнување, соопшти Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД/OECD).
„Обемот и траењето на конфликтот се многу неизвесни, но продолжениот период на високи цени на енергентите значително ќе ги зголеми трошоците за работење и ќе ја подигне инфлацијата на потрошувачките цени, со негативни последици по растот“, наведува ОЕЦД.
Добро утро, ви пишува Анита С. Буховски од дигиталната редакција на „Блумберг Адрија“. Во продолжение се петте вести што ги издвоиме за почеток на денот.
Владата ќе го средува хаосот во јавните претпријатија, можно е отуѓување
Владата подготвува предлог-закон за јавни претпријатија и трговски друштва во сопственост или со учество на Република Северна Македонија со кој се предвидуваат низа новини во нивното работење и се воведува можност да се отуѓуваат. Имено, во нацртот на предлог-законот се наведува дека „Република Северна Македонија може да биде носител на правата на членство во правни лица во сопственост на Република Северна Македонија доколку за тоа постои оправдана причина, која мора да се утврди и објасни во политиката на сопственост“.
„Во случаите во кои нема оправдана причина за правата на членство на Република Северна Македонија во правните лица во сопственост на Република Северна Македонија, правата на членство на Република Северна Македонија во тие правни лица ќе се отуѓуваат со цел Република Северна Македонија да ја напушти сопственичката структура на тие правни лица во согласност со политиката на сопственост“, се наведува во предложените законски одредби.
Купиле софтвер, а каде е трансформацијата на македонските компании
Дигитализацијата на малите и средните претпријатија (МСП) е болна точка во сите земји од регионот Адрија. За сите е заедничка свесноста дека пониската продуктивност оди рака под рака со зголемените трошоци за плати и вкупното работење на компаниите во регионот, услови во кои дигиталната трансформација престанува да биде технолошки тренд и станува прашање на економска одржливост. Но, во исто време, она што важи за сите мали и средни претпријатија во регионот е дека, прво, им недостига повисоко ниво на знаење за тоа што навистина претставува дигиталната трансформација и, второ, им недостига свесност за итноста од имплементација.
Според Данчо Димков, извршен директор на „Бизби солушнс“ (BizzBee Solutions), македонска агенција за продажба, маркетинг и консултантски услуги, она што недостига е свесност за патот до дигитализација. Повеќето основачи ја поистоветуваат дигитализацијата со купување софтвер.
„’Купив ЦРМ (CRM), значи дигитализиран сум’. Но купување алатка без стратешка причина зад неа е само ИТ-набавка.
ЕБОР: Македонија меѓу земјите кои ќе бидат најмногу погодени од војната на Блискиот Исток
Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) очекува конфликтот на Блискиот Исток да влијае врз економската активност во регионите каде што е присутна преку повисоки цени на енергијата и ѓубривата, нарушувања на трговските и туристичките текови и построги услови за финансирање.
Од ЕБОР очекуваат економиите со голема зависност од увоз на енергија, ѓубрива и храна, силни врски со Заливот и ограничен фискален простор најверојатно да бидат најпогодени. Меѓу нив се Египет, Ирак, Јордан, Кенија, Либан, Молдавија, Монголија, Македонија, Сенегал, Тунис, Турција и Украина.
Што ако војната потрае? Европскиот фудбал првпат ја тестира зависноста од парите од Заливот
Војната на Блискиот Исток повеќе не е само безбедносна и енергетска приказна. За европскиот фудбал таа станува стрес-тест на деловниот модел, кој со години се потпираше на капитал, спонзорства и политичко влијание од Заливот. Краткорочно, тој удар засега не изгледа како финансиски колапс.
Но првпат јасно се гледа колку европскиот спорт станал зависен од регионот, кој не финансира само поединечни клубови туку и авиоспонзорства, туристички кампањи и пошироката инфраструктура на спортскиот бизнис. Заливскиот капитал денес е длабоко вграден во европскиот фудбал. Сопственичките структури, како оние во Манчестер Сити, Пари Сен Жермен или Њукасл, се поврзани со државни фондови и пошироките економски стратегии на земјите од Заливот.
Збогум на евтините летови: скапите авионски билети ќе го погодат летниот одмор
Патниците кои се надеваа дека ова лето ќе се вратат поумерени цени на долги летови ќе се соочат со непријатно изненадување.
Цените на билетите на главните линии што ги поврзуваат Азија и Европа овој месец скокнаа и до 560 отсто и најверојатно ќе останат високи во текот на летото и есента, бидејќи нарушувањата поврзани со војната се прелеваат низ Персискиот Залив- најпрометниот транзитен коридор во светот, според „Алтон“ (Alton Aviation Consultancy). За патувања во јуни, цените на билетите на седум популарни линии меѓу Азија-Пацифик и Европа се во просек околу 70 отсто повисоки отколку пред една година.