text size
Дури половина од предложените проекти за центри за податоци во САД се изложени на ризик од одложувања или откажувања поради растечките политички реакции и сложеноста на градењето ваков тип објекти, според инвестициската фирма „Кимериџ Енерџи Менаџмент“ (Kimmeridge Energy Management Co.)
Центрите за податоци брзо стануваат политичко прашање за претстојните избори за Конгресот во САД, а растечкиот отпор и судските постапки на локално ниво ќе го зголемат ризикот од одложувања или откажувања. Двопартиското противење на центрите за податоци расте во државите, вклучувајќи ги Пенсилванија, Тексас и Охајо, кои некогаш се сметаа за попријателски настроени кон проектите.
Добро утро, ви пишува Игор Петровски од дигиталната редакција на Блумберг Адрија. Ова се петте вести за почеток на денот:
Дата-центри: Соодветни локации има сѐ помалку, климатските ризици растат
Инвестициите во центри за податоци на глобално ниво од 100 милијарди долари во 2015 година се зголемија на 500 милијарди долари во 2024 година. Лани, Меѓународната агенција за енергија (IEA) прогнозираше дека годишните инвестиции, според нејзиното основно сценарио, ќе надминат 800 милијарди долари до 2030 година.
Во меѓувреме, прогнозите се сменија. Капиталните инвестиции на водечките провајдери на облачни услуги се зголемија за повеќе од 75 отсто, што поттикна поширока преоценка на идните потреби за инфраструктура, се наведува во обемниот извештај „Бумот во изградбата на центри за податоци: ризици и трендови кај осигурителните барања“ на „Алијанц“, една од најголемите осигурителни и финансиски групации во светот.
Кина го смени моделот на влез во Европа: сега не купува, туку гради фабрики
Кинеските компании продолжуваат да го зголемуваат присуството во Европа, но структурата на инвестициите е многу специфична: огромен дел е концентриран во електрични возила, батерии и поширокиот ЕВ-синџир, додека енергетиката и ИКТ се две области што брзо добиваат значење.
Според најновиот извештај на Меркатор Институтот за студии поврзани со Кина (МЕРИКС) со седиште во Берлин, кинеските директни инвестиции во ЕУ и Велика Британија достигнале 16,8 милијарди во 2025, што е раст од 67 отсто за една година. Од нив, гринфилд инвестициите достигнале рекордни 8,9 милијарди евра, или 51 отсто повеќе од 2024. Но, важно е да не се создаде погрешен впечаток: не станува збор за рамномерно ширење на кинески капитал низ ЕУ. Инвестициите се концентрирани во само неколку земји и, уште повеќе, во само неколку индустрии.
Екстремната топлина ги менува портфолијата. Кој би можел да има корист?
Иако топлотниот бран во Европа конечно се ублажи, инвеститорите велат дека сè уште се обидуваат да проценат како климатските промени ќе влијаат на нивните портфолија. Кејти Селф од „Пиктет асет менаџмент“ вели дека клиентите сè повеќе ја прашуваат за ризиците и можностите што ги носи екстремната топлина.
Во „Нувин“ очекуваат европската суша наскоро да почне да влијае на спредовите на корпоративните обврзници. Дејвид Харисон, менаџер на фондови во „Ратбонс асет менаџмент“, е оптимистичен во однос на компаниите што нудат климатски решенија и оние што работат во подрачјето за инфраструктура на електричната мрежа.
Путин ќе ги засили нападите врз Украина, преговорите во ќорсокак
Русија се подготвува да ги засили нападите врз Украина откако заклучи дека мировните преговори се во ќорсокак. Засега, Русија размислува за интензивирање на моќните напади со конвенционални балистички ракети врз Киев, вклучувајќи го и центарот на главниот град, како и напади врз инфраструктурни цели во други украински градови, според извори кои сакаат да останат анонимни.
Сите преговарачки рамки практично пропаднаа, па затоа двете завојувани страни се вратија на почетокот, според изворите. Според нив, Владимир Путин нема да ја заврши војната под економскиот притисок на санкциите и украинските напади врз руските рафинерии и логистички мрежи.
Гасот ја засени нафтата, станува главен ризик за инфлацијата во Европа
Природниот гас ја престигна нафтата и стана најголемата грижа за трговците со европски обврзници, бидејќи намалените залихи на клучното гориво се закануваат повторно да ја поттикнат инфлацијата.
Цените на европскиот гас се близу највисоките нивоа во последните пет месеци, а зимските договори чинат повеќе од двојно во споредба со пред една година. Приносите на 10-годишниот германски и британски долг достигнаа нивоа невидени со децении, иако суровата нафта Брент се тргува 30 отсто под максимумот достигнат поради војната меѓу САД и Иран.