САД и Русија се договорија да го продолжат дијалогот, но не договорија средба меѓу Трамп и Путин. Четиричасовниот состанок во Саудиска Арабија останува главна вест на глобално ниво со оглед на очекувањата за постигнување мир во Украина и неизвесноста во однос на царините.
Добро утро, ова се петте вести кои се важни за денеска.
Со владина одлука компаниите ќе можат да се селат во зоните
Со одлука на Владата, компаниите ќе може да се селат во технолошките зони и да користат државна помош. Ова е предвидено во измените и дополнувањата на Законот за технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).
„Релокација на постојно претпријатие во технолошко индустриска развојна зона (релокација во зона), по исклучок се дозволува со претходна Одлука на Влада на Република Северна Македонија, доколку истата се врши во технолошко индустриска развојна зона која е оддалечена најмногу 50 километри од подрачјето каде во моментот работи постојното претпријатие, а истата нема да има за последица намалување на работните места две години од релокација, а претпријатието кое има намера да се релоцира во зона, две години пред доставување на намерата за релокација во зона не ги намалило работните места во истата или слична дејност во едно од постојните претпријатија на корисникот на друго подрачје на територијата на Република Северна Македонија, за што доставува изјава заверена на нотар“, стои во членот 4б.
Прифатете вештачка интелигенција и „зелени инвестиции“ или надевајте се дека ќе преживеете
„Иднината е веќе тука – едноставно не е рамномерно распределена“, според авторот на шпекулативна фикција Вилијам Гибсон. Вака во „ПрајсвотерхаусКуперс“ (PricewaterhouseCoopers-PwC) го опишуваат чувството коешто одекнува од резултатите од нивното 28 годишно глобално истражување меѓу главните извршни директори. Станува збор за истражување со кое се опфатени одговорите од 4.701 главни извршни директори кои го претставуваат секој регион на светската економија.
„Некои извршни директори се движат брзо за да остварат раст и потенцијал за создавање вредност својствени за дефинирачките сили на нашата ера. Тие инвестираат во генеративна вештачка интелигенција, се справуваат со можностите и заканите од климатските промени и ги редефинираат своите операции и деловни модели за да создадат вредност на нови начини“, наведуваат од ПВЦ. Оттаму додаваат дека сепак, многу други се движат бавно, ограничени од лидерски начин на размислување и процеси кои водат кон инерција.
Трамп е проблем и за хокејот: канадски спорт и американски пари
Трговската војна меѓу САД и Канада моментално е на пауза, но лошите чувства не исчезнаа. Кога се изведува американската химна пред натпреварите на Националната хокеарска лига (НХЛ) во Канада, сè уште повремено се слушаат свирежи. Затоа инаугуративниот турнир (4 Nation’s Face-Off) во НХЛ, кој започна во средата, стана малку незгоден.
Канадските навивачи имаат добра причина да се чувствуваат незадоволни. Царинските закани од претседателот Доналд Трамп го дестабилизираа канадскиот долар, нарушувајќи ја со тоа конкурентноста на тамошните бизниси. Спортот не е имун на овие турбуленции, а професионалниот хокеј северно од американската граница ќе го добие најголемиот удар.
Аргентинскиот претседател негира дека погрешил во врска со скандалот со криптовалутите
Претседателот на Аргентина, Хавиер Милеи, за првпат проговори за скандалот со криптовалутите што ја наруши неговата репутација во земјата, предизвикувајќи тужби, па дури и повици за негово отповикување.
Милеи потврди дека се сретнал со луѓето што предложиле и лансирале таканаречен мемекоин познат како либра (Libra). Тој рече дека за тоа на социјалните мрежи не објавил со намера да ги убеди луѓето да го купат, туку за да ја издигне свеста за напорите за поддршка на аргентинските бизниси што користат крипто.
Рекордни цени на какаото: Што го иритира чоколадното зрно?
Рекордните цени на чоколадото на многумина штедливи луѓе им го расипаа Денот на вљубените во петокот. Американските потрошувачи, на пример, платиле 10 до 20 отсто повеќе за чоколадо за овогодишниот празник на љубовта отколку минатата година, а сите показатели покажуваат дека чоколадната лудост ќе продолжи да расте оваа година.
Според „ЏП Морган Чејс“ (JPMorgan Chase), зголемувањето на цените на чоколадото ќе ја намали побарувачката за ова слатко задоволство оваа година. Аналитичарите на банката ги намалија процените за дефицитот за тековната сезона на 40.000 тони, додека тие предвидуваа 108.000 тони наесен, според „Блумберг“.